Од дното на Охридско Езеро извадена огромна количина на разновиден цврст отпад како пластични шишиња, лименки, пластики, конзерви и друго. Чистењето на езерото од цврст отпад е реализирано во рамки на големата еколошка акција „Охрид Еко 2023“ во организација на нуркачкиот центар „Амфора“ од Охрид.

Акцијата се изведе на две локации и тоа извори Св Наум и пристаниште Св Наум – манастир Св Наум. Повторно ќе потенцираме дека најголемата количина на цврст отпад доаѓа преку реките кои се вливаат во езерото и носат огромни количини на отпад, вели раководителот на „Амфора“ Јован Секулоски интернационален инструктор, и потенцира дека со реализација на проектот пред неколку години дале предлог да се изградат мини брани со кои во голема количина ќе се намали цврстиот отпад во езерото, а со една и единствена цел вистинска заштита на Охрдското Езеро.

Од „Амфора“ изразуваат благодарност и до ЈП „Охридски Комуналец“ за навременото подигнување на извадениот отпад на секоја акција и негово траспортирање до депонија.

На акцијата учество зедоа 28 нуркачи од нуркачкиот центар „Амфора“, спелеонуркачки клуб „Врело“ од Скопје како и припадници на нуркачкиот тим на БСС на АРМ кои се вклучуваат во сите поголеми еколошки акции и активности што ги организира „Амфора“.

Проектот е реализиран со подршка на Скопско АД Скопје и на ресторан Острово Св Наум.

OhridNews