Работите на новиот болнички блок во специјалната болница за ортопедија и траумаологија „Св. Еразмо“ во Охрид, каде според најавите на почетокот од градежните работи во 2015 година требаше да се пресели Заводот за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања од Охрид , се’ уште се во прекин, a изведувачот предупредува дека се можни оштетувања на инсталациите во текот на зимскиот период доколку соодветно не се заштитат.

Јас многу страхувам како изведувач тука бидејќи имаме многу инсталации, а зимата може да направи такви штети со несогледливи последици и би било штета еден ваков објект изграден по сите стандарди да претрпи такви хаварии. Јас претрпев големи штети, тука имам материјали кои не се монтирани, гарантниот рок на тие материјали тече, вакво нешто мене прв пат ми се случува во мојата 40-годишна кариера. – изјави Ѓорѓи Угриноски, сопственик на компанијата Виа од Вевчани, изведувач на работите.


Ѓорѓи Угриноски – ВИА Вевчани

За опасностите по објектот, изведувачот писмено ги известил болницата и Министерството за здравство кое е инвеститор на проектот, со барање за исклучување на доводот на вода и струја во новиот блок заради заштита на незавршените инсталации, на што добил негативен одговор.

Ве известуваме дека немате право да направите исклучување на водоводната и хидрантската мрежа и приклучокот за електрична енергија, со оглед дека истите се во еден систем и секое исклучување доведува до прекин во работата на ЈЗУ специјална болница „Св. Еразмо“ и заради тоа немате ни законско право да ги направите тие постапки. – стои во одговорот на ЈЗУ специјална болница „Св Еразмо“.

Изведувачот на 31-ви октомври со записник заверен од надзорот на работите, ја прекина изградбата на објектот кој е готов над 80%, бидејќи се’ уште не се ослободени старите операциони сали кои треба да се урнат за тој да може да биде завршен, за што Министерството за здравство постојано било известувано со дописи уште од 2016 година. Од специјалната болница Св. Еразмо, велат дека доколку се затворат старите операциони сали постои ризик од престанок со работа на установата затоа што во проектот вреден нешто над 3 милиони евра обезбедени со кредит од Европската банка не се предвидени средства за опремување на новите операциони сали. Од Заводот за кардиологија, пак, информираат дека до овој момент не добиле никаков официјален документ или одлука од Министерството за селење на оваа установа во новиот објект во „Св. Еразмо“ како што предвидува проектот, но и дека тоа е неприфатливо за лекарскиот колегиум.

Засега е извесно дека новиот болнички блок во „Св. Еразмо“ нема да биде завршен во 2017 година како што беше првично предвидено, а дали некој ќе сноси одговорност за пропустите во реализацијата на проектот и евентуалните штети кои може да произлезат од пролонгирањето на роковите и натаму останува отворено прашање.

Г. Момироски

Запрена изградбата на новиот блок во специјалната болница „Св.Еразмо“, неизвесно е кога ќе продолжи и каква намена ќе има!