Изборот на нов директотр на ЈП „Билјанини извори“ е речиси финализиран, и ќе биде официјализиран деновиве, велат извори од владејачката партија, каде како што дознаваме, деновиве се води интензивна дебата за наследникот на Иван Цветкоски кој неодамна поднесе оставка.
Според извори од партијата најблиску до директорската фотеља е актуелниот претседател на УО на ЈП „Билјанини извори“ Љупчо Танески. Наводно тој имал поддршка како во огранокот, така и од функционери на партијата и пратеници, како и од вработени во претпријатието, а очекувањата на неговите поддржувачи се дека тој деновиве ќе биде промовиран во нов директор на ЈП „Билјанини извори“. Како предност на Танески се наведува тоа што тој како претседател на Управниот одбор на претпријатието ги познава добро состојбите во „Билјанини извори“ и брзо би се адаптирал на новата функција.
Други извори пак шпекулираат со член на Советот на општина Охрид. Наводно во игра за директор на ЈП „Билјанини извори“ биле две советнички имиња. Упатените сметаат дека наследникот на Цветкоски ќе се бара токму помеѓу претседателот на УО на ЈП „Билјанини извори“ и член на советот од ВМРО ДПМНЕ, иако во јавноста се спомнуваат и други имиња, кои исто така очекуваат директорска промоција, иако наводно тие немале поголема поддршка во партијата.
Конечниот избор сепак ќе го направи градоначалникот Никола Бакрачески. Од Локалната самоуправа неодамна за OhridNews изјавија дека оставката на Цветкоски е доставена до градоначалникот и истата била разгледана. Оттаму посочија дека се’ уште не е одлучено дали за прв човек на јавното претпријатие повторно ќе биде назначено лице вршител на должноста директор или пак ќе се распише оглас за избор на директор. Се додека не биде разрешена дилемата Цветкоски и натаму ќе ја извршува функцијата вршител на должноста директор на ЈП Билјанини извори, но според извори од ВМРО ДПМНЕ само уште кус период.
OhridNews