Увидот и оцената на состојбата на православното културно наследство во Дебарско-Кичевската епархија преку проектот „Мониторинг на православното културно наследство” се одвива непречено и согласно планираната динамика за работа на стручниот тим, велат од ИКОМОС Македонија.

Досега, во текот на месеците мај и јуни, извршен е мониторинг на вкупно 50 православни, сакрални објекти во Охридскиот регион. Целосно е завршен мониторинг на сите планирани православни објекти кои се наоѓаат на територијата на Општина Охрид, Општина Вевчани, а привршуваат теренските активности на територијата на Општина Струга, кои согладно планираната динамика треба бидат финализирани до крај на месец јули, велат од ИКОМОС.

Додаваат дека препораките за превентивните и заштитните мерки за конзервација на православните културни добра ќе следуваат по завршувањето на севкупниот мониторинг, односно откако ќе биде согледана целосната состојба на добрата.

Бидејќи сѐ уште сме во почетната фаза на проектот, препораките се во фаза на конципирање, а ќе бидат објавени во специјализираната база на податоци која ќе биде достапна за јавноста откако ќе биде изработена и ставена во употреба во претстојниот период. Прелиминарно, мислењето на стручниот тим кој го прави увидот е дека досега миниторираните добра се во релативно добра состојба. Односно, архитектурата на опфатените цркви и манастири е во добра состојба, додека состојбата на ѕидното сликарство и на иконостасите варира и за дел од нив е веќе констатирано дека е неопходно да се преземат одредени заштитни интервенции, потенцираат.

Во експертскиот тим кој го прави мониторингот на православното културно наследство на територијата на Дебарско-Кичевската епархија вклучени се членовите на ИКОМОС Македонија,  м-р Мишко Тутковски – Историчар на уметноста и археолог, кој го предводи тимот во кој се вклучени и експерти од НУ Завод и Музеј-Охрид, м-р Горан Патчев – Конзерватор за архитектонско наследство (член), м-р Никола Патчев – Конзерватор за ѕидно сликарство (член), а во тимот е вклучена и м-р Ана Алексова Тутковска – историчарка на уметноста од Управата за заштита на културното наследство.

Воедно, додаваат од ИКОМОС, соработката и комуникацијата со надлежните лица од Дебарско-кичевската епархија се одвива на највисоко ниво и без никакви пречки, што ветува успешна реализација на зацртаните теренски активности.

Инаку, проектот „Мониторинг на православното културно наследство” го спроведува ИКОМОС Македонија во соработка со МПЦ-ОА, а со финансиска поддршка од Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје.

Н.С.Ј.