Со традиционални обичаи и богослужба во црквата Св. Никола Геракомија, денес беше извршено примопредавање на кумството за големиот празник Богојавление – Водици. Новиот кум, бизнисменот Стојан Ѓоргоски го презеде кумството од минатогодишниот кум, бизнисменот Ванчо Чифлиганец.



-Кумството за Водици ми донесе многу среќа и успех, како на личен план, така и во бизнисот и во семејството. Им благодарам на охриѓани и на здружението Богојавление што ми ја дадоа довербата да бидам кум за овој голем празник, истакна на примопредавањето на кумството,
Ванчо Чифлиганец.


-Пожелувам да се запази традицијата на одбележување на нашите празници со обичаите кои од памтивек ги негува нашиот народ, рече новиот кум Стојан Ѓоргоски.


Од здружението Богојавление истакнаа дека подготовките за достојно одбележување на празникот Водици се завршени, а голем е интересот кај верниците кои масовно се пријавуваат за фаќање на чесниот крст во осветените води на Охридското Езеро. – Меѓу капачите оваа година ќе имаме и повеќе странци, и ќе биде интересно доколку некој од нив го фати крстот, рече Димитри Пендовски од ЗГ Богојавление.


И градот Охрид е подготвен за празникот, истакна градоначалникот Александар Петрески, кој упати благодарност до стариот кум за се што направи и прави за градот, а на новиот кум му посака успех и здравје.