Ако минатиот Велигден се купуваше по цена од 420 денари за килограм, деновиве, во охридските месарници, јагнешкото се нуди по цена од 280 до 310 денари за килограм.
– Може да се случи цената да се покачи непосредно пред празникот, но можеби за 20 до 30 денари. Годинава, продажбата е намалена и поради тоа што за првомајските празници кога вообичаено се продавале големи количини, сеуште трае велигденскиот пост, па така не се очекува дека ќе бидат продадени големи количини од јагнешкото месо, велат дел од сопствениците на месарници од Охрид.
Од друга страна купувачите задоволни што можат за помалку пари да го подготват традиционалниот велигденски ручек.
– Се разбира дека независно колку и да е висока цената на јагнешкото месо, секој за празникот ќе купи затоа што тоа е традиција, но подобро е кога тоа ќе може да се направи со помалку пари. Со оглед на се посиромашниот семеен буџет, секој помал издаток е добредојден, велат купувачите.
За пониската цена на јагнешкото месо придонесува годинешниот слаб извоз на македонското јагне кој е намален за 20 отсто за разлика од минатата година. За тоа во голема мера придонесе фактот што поради економската криза во Грција, мал е интересот за увоз од страна на нашиот јужен сосед.
Исто така, голем број од сточарите поради ниската откупна цена која им се нудела од 140 за кулограм жива мера , одлучиле да не ги продаваат јагнињата и да ги зголемат стадата.