Политичката комуникација во Охрид е спуштена на најниско ниво, а последните настани со поставувањето на провокативните билборди, на кој се исмејува градоначалникот Александар Петрески, испраќаат лоша порака за градот, смета претседавачот на Советот, Душко Јаковчески.

– Апелирам до сите советници да се воздржат од давање изјави кои можат да предизвикаат дополнителни тензии, изјави за OhridNews, Јаковчески.

Во врска со иницијативата на советничката група на ВМРО ДПМНЕ која бара да биде свикана итна седница со единствена точка на дневен ред: “Информација за патувањето  на Градоначалникот на Охрид и неговата делегација во Австралија”, Јаковчески истакна дека истата се’ уште ја нема добиено.

– Кога ќе пристигне инцијативата ќе ја разгледам и ќе постапам согласно статутот и деловникот за работа на Советот, рече Јаковчески.

Советот на општина Охрид денеска треба да одржи редовна седница, на која и покрај однапред утврдениот дневен ред се очекува да стане збор и за актуелните случувања кои ја вжештија локалната политичка сцена.

Г.М.