Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева на прес – конференцијата што ја одржаа заедно со романската обвинителка Лаура Ковеси и републичкиот јавен обвинител, Марко Зврелвски ги прогласи изминатите избори за нелегитимни, додека Зврлевски во своето обраќање на конференцијата го прогласи Републичкото јавно обвинителство за пандан на Националниот антикорупциски директорат (НАД) во Романија.

Романската обвинителка Кавеси која е позната  по тоа што има покренато обвиненија против премиери, министри, пратеници не ја коментираше конкретно ниту работата на Јавниот обвинител, Зврлевски, ниту работата на Специјалната обвинителка, Јанева. Таа се задржа на искуствата од својата земја и на тоа што има таа сработено. На Јанева и порачала да продолжи со својата работа и покрај пречките со коишто се соочува. И Кавеси се соочувала со проблеми и имало случаи кога одредени институции не им ги давале потребните документи, но институциите во Романија биле свесни дека доколку не соработуваат ќе следуваат одредени реперкусии.

Зврлевски во обраќањето на конференцијата го прогласи Јавното обвинителство за пандан на романската НАД и потсети дека и ова обвинителство има покренато обвиненија против премиери, министри, директори на јавни претпријатија. За роднинската врска меѓу Јован Илиевски, главен обвинител во Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков Зврлевски  како и претходно повтори дека во овој случај не гледа ништо спорно бидејќи ова обвинителство е формирано во 2004 година, пред Мијалков да биде актуелен во политиката и дека за сите предмети во кои е вклучен тој, Илиевски се иззема.

Зврлевски негираше дека предметот за „Маѓар телеком“ се чека да застари, а Јанева директно го праша зошто овој предмет иако СЈО го побарало за да одлучува за неговата надлежност не им е доставен.

Тој предмет е во Советот за јавни обвинители и за неговата надлежност треба да одлучува ова тело. Специјалното обвинителство поднесло претставки и до Советот на јавни обвинители и до Судскиот совет за несоработка со Јавното обвинителство и судовите.

Јанева на прес-конференцијата ги прогласи изминатите избори циклуси за нелегитимни, а Претседателот, Уставниот суд и Собранието се нелегитимни институции

„Се работи за осомничени лица за изборни нерегуларности и тоа за 2011, 2012, 2013 година. Со самите истраги за овие лице кои биле и се на високи позиции во Владата на Македонија и со 80 отсто од доказите кои располагаме го докажуваат обвинението со кое имаме намера во иднина да настапиме. Јас лично, а и членовите од мојот тим, сметаме дека самиот избор и на Претседателот и на Уставни судии и на пратениците е доведено во прашање. Мислам дека сите овие се нелегитимни институции и треба да го почитуваат Специјалното обвинителство и нашите истраги за да ја утврдиме вистината“, изјави Јанева.

Таа најави дека ќе следи проширување на истрагата за случајот „Титаник“. „Не се плашиме од судот, кога ќе дојде редот за прифаќање на обвиненијата. Тоа ќе биде посебна борба, која ќе видиме како ќе се одвива кога ќе дојде редот за тоа “,  додаде Јанева.

Таа категорично изјави дека нема да оди да го образложува извештајот за својата работа ниту пред Собранието, ниту пред Советот на јавни обвинители.

OhridNews