На почетокот на прес-конференција на Специјалното обвинителство, што се одржа денеска, се обрати Специјалната обвинителка, Катица Јанева, која порача дека правдата ќе победи и покрај заканите од институциите, одредени политички партии и кривичните пријави кои се поднесени против специјалното обвинителство, пренесува „Макфакс“.

„Правдата ќе победи, наспроти тешкотиите и заканите што доаѓаат од одредени политички партии и конструираните кривични пријави против мене и моите соработници. Се чувствувам слободна и цврста, бидејќи на моја страна се Уставот, законите и вашата поддршка. Макар сите да молчат, јас нема да молчам. Сите ме охрабруваат и јас да бидам храбра и исправено да стојам пред бурите и ветриштата што му се спротивставуваат на Специјалното јавно обвинителство уште од самиот почеток на неговата работа. Ме охрабрува и поддршката на меѓународната заедница. Поддршката е доказ дека нашата борба не е само наша, туку е и борба на целиот демократски свет“, рече Јанева.

Таа побара три мерки за Обвинителството поуспешно да ги спроведе поставените задачи.

„Прво, по итна постапка да се дополни Законот за заштитен сведок од гледиште на потребите на СЈО, второ, судските процеси пред редовните судови од надлежност на СЈО да се предадат на СЈО без отпор и одолговлекување. Секој вид отпор ќе биде нотиран во Извештајот на СЈО што се изготвува на шест месеци и што се доставува на увид на Собранието на Република Македонија. Трето, Советот на Јавните обвинители на Република Македонија да се придржува стриктно за важечката законска регулатива и целосно да ја почитува автономијата на СЈО“, порача Јанева.

Физички лица поднесоа вкупно 20 кривични пријави против обвинители од тимот на Катица Јанева за малтретирање на сведоци.

Обвинителката Ленче Ристоска, која е и портпарол на Специјалното обвинителство, ги негираше информациите и рече дека сведоците биле испитувано законски и дека „укажувањето на последиците од давање на лажен исказ не се малтретирање на сведоци“.

„Појаснуваме дека постапувајќи согласно законот, од наша страна во целост се почитуваат сите права на лицата во постапката и тоа како сведоците така и осомничените лица. Членот 212 од ЗКП пропишува овластување и обврска на јавниот обвинител да повикува сведоци, односно лица за кои е веројатно дека ќе можат да дадат известување за кривичното дело и сторителот и за други важни околности. Притоа, согласно Законот, секое лице кое е повикано како сведок е должно да се јави на поканата. Воедно, членот 219 пропишува обврска на јавниот обвинител да го опомене сведокот дека е должен да ја зборува вистината и дека не смее ништо да премолчи, како и да го предупреди за последиците од давање на лажен исказ. Укажувањето на последиците од давањето на лажен исказ и предочување на законските можности, не се акти на малтретирање или застрашување“, рече Ристоска.

Таа се осврна и на одлуката на Советот на јавни обвинители кој донесе решение дека Специјалното обвинителство незаконски ги разрешило двете обвинителки, Марија Ѓорѓева и Лејла Кадриу и демантираше дека обвинителите биле избркани со полиција.

„Ние немаме судска полиција и не била користена асистенција на полициски службеници да некој биде отстранет од работа, за што сведочат и видео записите од нашите безбедносни камери. Сепак изразуваме уверување дека Советот во иднина, како професионална институција ќе појасни врз основа на кои законски одредби и процедури постапувал при оценување на законитоста на дејствијата преземени од Специјалната јавна обвинителка, со што ќе ги отстрани сите сомнежи за пристрасно и необјективно постапување“, додаде Ристоска.

Според неа,медиумите не се соодветен форум за размена на аргументи и докажување и порача дека и покрај дискредитирањето на одредени политички партии, тие работат професионално и независно.

„Ова е последен пат во медиумскиот простор да ја дискутираме темата за поднесени кривични пријави против обвинители и истражители од ова јавно обвинителство и правосилната размена на аргументи ќе ја извршиме со презентирање на докази пред судот. Обид за дискредитирањето дојде и од страна на одредени политички партии. Сакаме да упатиме порака до јавноста и сите политички фактори во Република Македонија, дека ние сме професионално и независно обвинителство, кое работи исклучиво согласно законот и преку почитување на правата на сите лица во кривичната постапка, ќе обезбеди спроведување на независни и професионални истраги. Се оградуваме во целост од изјавите на политичките партии кои се обидуваат работата на ова Јавно обвинителство да ја прикажат во сопствена корист. Наш единствен фокус е борбата против криминалот во согласност со надлежностите дадени со уставот и законите“, рече Ристоска.

Ристоска информираше дека сé уште е во тек детално евидентирање на предадените материјали од страна на политичката партија СДСМ.

„Имајќи ја предвид обемноста на истите, Ве известуваме дека пописот ќе трае колку што е потребно и за констатираната состојба ќе биде изготвен и статистички преглед, кој ќе биде дел од извештајот доставен до Советот на Јавните обвинители и Собранието на РМ“, додаде таа.

OhridNews
извор: „Макфакс“