Спроти пријателскиот натпревар со Словенија, селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Чедомир Јаневски ги брифираше новинарите  околу неговиот изборот на играчите кои ќе настапат на тој натпревар, очекувањата од него, идните планови.


Според Јаневски, терминот за одигрување на натпреварот е добредојден за македонската репрезентација, бидејќи ќе можел да се увери дали новоповиканите, на репрезентацијата можат да и донесат нов квалитет.

Јаневски за овој меч повика 18 фудбалери и двајца голмани, бидејќи сака на сите играчи да им да даде можност да настапат. Од ова репрезентативна акција од обврските се ослободени најискусните Пандев и Новески.

„Сето тоа го правиме поради тоа што сакаме да имаме добра соработка со клубовите во кои играат нашите репрезентативци. Наполи, поради згуснатиот распоред не замоли да го ослободиме Пандев, слична е ситуацијата и со Новески, кој е вистински професионалец и на кого му е потребен одмор“, рече Јаневски.


Селекторот на пријателската со Словенија ќе се обиде да ги испроба и алтернативите на десната бековска позиција и во редот за врска, односно во делот каде што делуваат двајцата играчи со дефанзивни карактеристики.

„Сакав Тодоровски и Ристевски да ги испробам на десната бековска позиција, но за жал Ристевски поради обврските во Бари е ослободен од обврските. Редот за врска, односно двајцата играчи кои играат пред последната линија, се можеби најпроблематичните позиции, тоа го покажаа четирите квалификациски дуели. За жал на таа позиција, како алтернатива за Глигоров, нема доволно квалитетни играчи ниту во Македонија ниту во странство“, вели македонскиот селектор, кој појасни зошто на списокот ги нема Горан Попов и Стевица Ристиќ, играчи кои поради недисциплина беа отстранети од националниот состав непосредно пред почетокот на натпреварот со Србија.

“Вратите за нив двајца не се затворени, секој заслужува шанса. Овој пат тие не се повикани поради спортски, а не дисциплински причини, сакам да испробам други играчи на тие позиции. Сметам на сите фудбалери кои се наоѓаат во добра форма. Инаку на трите натпревари на кои играа Попов и Ристиќ, очекував дека многу повеќе од нив, мислам дека не го дадоа максимумот.“


Јаневски, во шпицот на нападот, како алтернатива за Ристиќ ќе го испроба дебитантот Адис Јаховиќ, кој настапува во швајцарското првенство, во екипата на Цирих.

„Повикот за Јаховиќ не е случаен, тој неколку пати е скаутиран. Се работи за корпулентен играч, знае да одигра и кога е свртен со грб кон голот на противникот, а добар е и во дефанзивните задачи.“

Кога станува збор за контролниот натпревар со Словенија, Јаневски упати комплименти до противникот и најави дека од своите играчи ќе бара да играат максимално сериозно.

„Очекувам тежок меч, Словенија е квалитетна, котира високо на ФИФА листата, има играчи кои настапуваат во првенствата на Германија, Холандија, Италија. Ние не смееме да се поставиме како за пријателски натпревар, ќе се обидеме да победиме. Само така ќе имаме континуитет“, заврши селекторот Јаневски.

Македонија и Словенија контролниот натпревар ќе го одиграат на 14. ноември во Скопје, мечот ќе започне во 18 часот.

“макфакс“
Ohridnews