Фудбалската репрезентација на Македонија, под палка на селекторот Чедомир Јаневски, во понеделникот ги започна подготовките за квалификациските натпревари со Хрватска и Србија, кои на 12 и 16. октомври ќе се одиграат во Скопје.

Предводникот на националниот тим на прес конференцијата потенцира дека со добрите игри во септемврискиот циклус (Хрватска и Шкотска) е вратена самодовербата, а дополнителен мотив на неговите избраници ќе им биде и полниот стадион.

„Играчите со првите две средби направија добра атмосфера, полниот стадион ќе биде обврска повеќе да направиме добар резултат. Целта ќе биде да ја повториме играта која ја прикажавме на првите две средби да освоиме повеќе бодови“, рече Јаневски.

Селекторот е задоволен од поволниот здравствен билтен и се надева дека во петок на противникот ќе може да му се спротистави со најсилниот состав.

Македонија нема да менува ништо во однос на дуелите кои ги одигра во Загреб и Глазгов, формациски тоа би значело 4-2-3-1. Со иста формација Хрватска го одигра првото полувреме во Загреб, но потоа Штимац ја смени таа варијанта во 4-4-2. Со иста формација, но нешто подефанзивно Хрватска делуваше на мечот со Белгија.

„Вториот меч го одиграа во 4-4-2, но со засилена десната страна каде одиграа со два бека, Срна играше понапред. Но, тактички тие им ја препуштија топката на Белгијците, играа повлечено на средината од теренот, фактички направија два ѕида со по четворица играчи на средината. Ние нема да се базираме на тоа како ќе игра Хрватска, за мене е најважно како ќе одиграме ние. Треба да имаме добра организација, да знаеме што сакаме кога е топката кај нас и во мислите да ни биде тоа дека противникот ќе ни дозволи да направиме шанси, кои ќе треба да ги искористиме доколку сакаме да постигнеме добар резултат“, вели Јаневски.

„Би сакал да одиграме послабо, но да освоиме повеќе бодови“.

Натпреварот Македонија-Хрватска ќе се одигра на арената „Филип Втори“ во петок со почеток во 20:30 часот

“макфакс“
Ohridnews