
Притоа, министерката Јанкулоска соопшти дека досега на информативен разговор биле повикани над 100 лица, но нема осомничен. Исто така меѓу материјалните докази е и едно возило за кое, според најдените траги од вештачењето, има индиции дека било на местото на злосторот а беше пронајдено на десет километри од местото на настанот. Покрај ова Јанкулоска нагласи дека клучни ќе бидат и исказите на семејствата на жртвите кои од разбирливи причини вчера и завчера не беа повикани на распит.
Од голема помош во насока на поинтензивно придивижување на истрагата Јанкулоска ги посочи и информациите добиени на бесплатниот телефон 199, истовремено охрабрувајќи ги граѓаните и понатаму да се јавуваат. Најголем дел од тие,информации потвдуваат дел од сценаријата за кои размислува МВР. “Не би зборувала за сценаријата со кои јавувањата се совпаднаа, бидејќи нивното јавно елаборирање би ја отежнало истрагата. Меѓутоа, може да се каже дека од нашите сценарија што ги разгледувавме и од јавувањата на граѓаните на телефонот 199 успеавме да отфрлиме дел од тие сценарија и да ги нотираме тие што се најмалку веројатни. Меѓу најмалку веројатните е дека момчињата можеби биле сведоци на друго кривично дело што му претходело на убиството“, изјави министерката Јанкулоска, потврдувајќи притоа дека со оглед на сложеноста на делото, кое едно од најтешките кривични дела со кои досега се соочило МВР, како и поради обемноста на информациите, ќе биде потребно извесно време истите да се обработат.
Jанкулоска рече дека досега МВР нема повратна информација од службите на соседните земји, кои се спремни за соработка во расчистување на петкратното убиство.












