Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, е на сослушување во Основниот суд Скопје 1, за случајот „Титаник“, дознава Макфакс од неофицијални извори во судот од каде официјално нема потврда дека Јанкулоска е таму.

Исказ пред судија на претходна постапка, утрово даде Исмет Рамадани, член на Општинска изборна комисија во Општина Чаир на изборите во 2013 година. Тој го чека решението на судијата на предлогот на Специјалното јавно обвинителство за притвор. Претходно Рамадани најави изјава за медиумите, но по распитот, само помина крај нив и не кажа ништо, јави репортерот на Макфакс.

На распит во Специјалното јавно обвинителство денес беше донесен и поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, кој ја отслужува казната затвор за случајот Кампања, информира Радио Слободна Европа. Претходно СЈО го побара предметот „Кампања“ за кое на Бошкоски му остануваат уште три месеци затвор. Бранителите на Бошкоски побарале и предметот Ровер да го преземе СЈО, бидејќи велат дека има докази дека се работи за местенка.

Во „Ровер“, Бошковски е еден од обвинетите за убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев. Апелациониот суд веќе два пати ја укинува првостепената пресуда поради низа пропусти и неутврдена фактичка состојба.

За процесот „Кампања“, Бошкоски беше осуден на пет години затвор за злоупотреба на службената положба и за незаконско финансирање на кампања. Казната му истекува на 6 мај.

OhridNews