
Според Јанкулоска, по објавувањето на фотографиите на возилото за кое се смета дека било на местото на настанот и најверојатно е поврзано со убиството, МВР добило повици од околу четириесетина граѓани на телефонската линија 199. Дел од тие повици се поклопуваат со претпоставките на полицијата и во текот на денешниот ден продолжува анализата на сите информации и нивно ставање во контекст на целосно завршување на истрагата. Полицијата знае точно кога и од каде влегло ова возило, но во интерес на истрагата во оваа фаза не можат да се дадат други детали.
Притоа, министерката Јанкуловска нагласи дека МВР има сериозни информации кои би можеле да значат финално разрешување на случајот, повторувајќи дека сепак потребно е одредено време. Исто така, во својата изјава пред медиумите Јанкулоска соопшти дека се уште не се завршени разговорите со најблиските членови од семејствата на убиените, а причината е нивната општа состојба бидејќи сосема логично тие се во голем шок и стрес и не се во состојба да дадат исказ кој евентуално би можел да и користи на полицијата. Покрај ова Јанкулоска апелираше до граѓаните кои што можеби ќе се сетат на физиономијата на лицата кои биле видени во возилото да се јават на специјалната телефонска линија бидејќи овие информации, во контекст на информациите со кои располага МВР, би биле од голема полза. Особено што МВР располага со голем број на информации коишто сè уште се предмет на анализи и не се исклучува ниту едно сценарио.
Наедно одговарајќи на новинарско прашање дали по препорака на МВР денес училиштата работат со скратена настава Јанкулоска потенцираше дека полицијата деновиве има интензивна комуникација и со градоначалниците на општините и на Градот Скопје, кои вложиле сериозни напори луѓето да добијат релевантни информации и да се негираат шпекулациите кои се појавиле, а дел од нив не се добронамерни и можат да и нанесат штета на истрагата. “Ценам дека не е лоша одлуката, сепак, сите ние заеднички да направиме напор да се смири состојбата и страстите, за да може целосно да се посветиме на истрагата“, изјави Јанкулоска.
извор:МВР












