Градоначалникот Александар Петрески и претставници од локалната самоуправа, денес, ја примија делегацијата на  Јапонската агенција за соработка ЈИЦА, придружувана од нивниот домаќин Дејан Паноски, претставник на Министерството за животна средина и просторно планирање.


На работната средба претставниците на Јапонската агенција за соработка , го информираа градоначалникот Петрески, дека по неодамнешната посета  на македонската владина делегација на Јапонија, била изразена подготвеност  нивната влада  да донира 10 милиони евра за ревитализација на колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро.


Градоначалникот Петрески се заблагодари за најавената поддршка и вети дека Локалната самоуправа и МЈП „ Проаква“ ќе им ги обезбедат сите потребни информации и анализи за брза подготовка на потребната апликација.

Средствата од 10 милиони евра од јапонската влада ќе се искористат за рехабилитација и довршување на втората фаза на колекторскиот систем и подигнување на капацитетот на пречистителната станица во Враништа кај Струга.

OhridNews