Во овој период од годината, покрај традиционалните овошки кои што се карактеристични за нашето поднебје, се повеќе е застапено и јапонското јаболко. Ова растение, чии плодови се наречени и „храна на боговите“,  веќе со децении наназад се одгледува и во нашата земја. Всушност јапонското јаболко потекнува од Кина, а трговците со текот на времето го донеле на европска почва. Богатата концетрација на витаминот Ц и Б2, го прави ова овошје се повеќе актуелно и во охридскиот регион.


Во дворот на фамилијата Ќескоски од Охрид, веќе две години е засадено едно вакво растение. Од неговите гранки можат да се видат тркалезните плодови, кои наликуваат на домати. „Овошјето има светложолто-портокалова боја, а после три години од засадувањето може да има плод. Во нашиот случај, тоа се случи уште во втората година откако е засадено јапонското јаболко. Растението  наликува како дрвце накитено со лампиони. Изобилува со витамини, а обично се јаде со лажичка. Набраниот плод се остава да омекне и да се исуши.“ – велат од фамилијата Ќескоски.


Докторите го препорачуваат како додаток во здравата исхрана. Ниската количина на калории и масти, односно, извор на растителни влакна помагаат при варењето на храната. „Овошјето изобилува со голем број на витамини и антиоксиданти, кои го подобруваат имунитетот кај човекот. Танинот кој е виновен за она чувство на „собирање во устата“ е добар против дијареа. Овошјето се јаде кога ќе омекне и тогаш станува извонредно благо.“ – вели еден охридски доктор.


Инаку, ова овошје никаде во светот не се вика јапонско јаболко. Во Европа е познато како „каки“, а во земјите од англосаксонското подрачје како „персимон“. Кај нашиот источен сосед го нарекуваат „рајско јаболко“, додека латинското име му е „диоспирос“.

О.Т.