Расфрлани пластични шишиња, хартии, шут, и понатаму можат да се видат покрај патот кој води до едно од најпосетуваните села во околината на Охрид, Велестово.
Бројните охриѓани кои секојдневно се рекреираат на овој потег, како и гостите кои често престојуваат во Велестово апелираат до надлежните редовно да се одржува комуналната хигиена на овој патен правец.

Овде речиси секојдневно минуваат голем број луѓе кои се рекреираат, но и гостите кои престојуваат во бројните вили кои се издаваат во Велестово и кое го посетуваат токму поради прекрасниот поглед кон езерото и градот, природните убавини, кои за жал, се нагрдени со расфрлани отпадоци, велат граѓани- вљубеници во природата.

Во повеќе наврати се упатувани апели до несовесните граѓани за подигнување на јавната свест со цел да не се расфрла отпад каде што ќе се стигне, но за жал таа сеуште е на ниско ниво. Поради тоа неопходна е интервенција на надлежните служби кои барем повремено ќе ја одржуваат комуналната хигиена во оние делови од градот и околината кои се најфреквентни и посетувани од рекреативците и туристите.

OhridNews