Советниците ги изгласаа предлог одлуките со кои се врши корегирање на цените на услугите на јавните претпријатија, односно нивно намалување.
Согласно одлуката, цените за користење на паркинг простор во зона А за првиот час ќе изнесува 30 денари , а за секој нареден час по 20 денари, додека пак паркирањето во зона Б ќе чини 20 денари за час.
Се намалува и цената за купување гробно место. Според новиот ценовник, цената на поевтините гробни места се намалува и до 3000 денари, а на поскапите парцели и до 12.000 денари. Се намалува и цената на услугата на ЈП Охридски комуналец за подигање на градежен шут и негово транспортирање во депонијата Мауцкер.
– Во координација со директорите изработивме нови ценовници за услугите на јавните претпријатија кои долго време не беа променети, веројатно затоа што претходно се работело со определени компензации и цесии и затоа претпријатијата имаа непазарни цени на услугите .Новите цени се во интерес на граѓаните, нов импулс во работењето на јавните претпријатија кои ќе можат пазарно да работаат и учествуваат на тендери, што би значело за нив нов приход , а за општината можност за плаќање за нивните услуги врз реални основи, рече секретарот на општина охрид, Димитар Спасески.
Корегирањето на цените на услугите на јавните претпријатија наиде на поддршка и од опозицијата, која побара да се изврши намалување и на таксата за одржување на гробните места и таа месечно да изнесува од 20 до 30 денари. При тоа потенцирајќи дека предлогот е во согласност и со барањата на опозицијата во минатиот состав на советот, односно сегашното мнозинство во советот.
– Одредени политички партии на пресови и овде коментираа дека цените се многу високи и дека треба да се намалат без за тоа да имаат било какви релевантни финансиски показатели. Сега после извршената анализа, по смена на власта се виде дека не било толку едноставно да се намалуваат цените,. Ние ги подржуваме напорите со корегирани цени да се постигне конкурентност на пазарот , но пред се повеќе станува збор за конкурентност на пазарот за правни субјекти, отколку за граѓаните, изјави координаторот на советничката група на СДСМ, Томислав Тунтев.
Советниците расправаа и за извештајот и дополнувањето на извештајот за опожарувањето на домовите на неколку охридски семејства во текот на 2013.
– Станува збор за наследен проблем од минатата локална валст, кога оштетените семејства добиле уверување дека домовите ќе им бидат санирани, но потоа се утврди дека не добиле ниту денар од ветените средства од локалната самоуправа. Ние формиравме тим кој излезе на увид и во наредниот период ќе следи и исплата на парите за санирање на штетите, најави секретарот Спасески.
На дневен ред на 11 седница на советот на општина Охрид советниците расправаа и за годишните извештаи за работа на основните и средни училишта во општината, за Програмата за изведување на училишни екскурзии и други слободни активности во учебната 2013/2014, како и за неколку урбанистички решенија.
Т.К.