Бокс машина веднаш до споменикот на Св. Климент, трамболини, вовчиња, автомобилчиња, разни скокалници…Ова не е слика на забавен парк, туку на центарот на Охрид, кој и по силните најави на надлежните дека ќе биде доведен во ред и оваа година е преполн со забавни реквизити, импровизирани продажни места на отворено и подвижни тезги. Охрид во туристичката сезона е атрактивен и сите гледаат да бидат присутни со својата понуда. Дел од нив да заработат повеќе, а најголемиот дел да заработат за живот. Не е спорно дека треба да се овозможи ситните продавачи да ги продаваат своите услуги и производи, но големо прашање е дали тоа треба да се прави на начин на кој тоа се практикува во Охрид. Притиснати од социјалниот момент градските власти со години ја толерираат ваквата состојба, иако дел од понудата во центарот на градот е профитабилен бизнис.

Граѓаните се со поделени мислења за тоа дали треба да има забавни реквизити и други дребулии во центарот на Охрид. Според резултатите од анкетата  што изминатиот период OhridNews ја спроведе за сопствени потреби, 64% од граѓаните се против, а  36 отсто се согласуваaт во центарот на градот да има забавни реквизити.

Во анкетата беа вклучени 2692 читатели.

OhridNews