Средношколците од охридската гимназија во мешани групи со нивни врсници од Германија кои деновиве за прв пат престојуваат во Охрид, се дел од Меѓународната театарска работилница „Big city promises, small town blues“ во организација на Форумот Wansee од Германија.
Изминативе четири денa под менторство на Катрин Годеке, учениците се приготвуваат да ги прикажат пред охриѓани своите вештини од актерството, танцот, уметничкото ораторство.
„Се работи за тоа што точно се случува кога некој израснува во Охрид, а некој во Берлин. Кои се соништата на луѓето, што е тешко, кои се разликите, дали тоа функционира или не. Младите имаа можност да се запознаат, а разменија многу лични приказни за време на престојот тука во Охрид и изминатиот период во Берлин.“ – вели Годеке, менторот по глума.
Годеке го потврди успехот на работата на децата, истакнувајќи дека од оваа мултикултурна работилница ги зближува сите учесници.
„Во групата се зборува на македонски, германски, арапски, турски и англиски јазик бидејќи сите тие се јазиици се вклучени во работилницата. Впрочем овој настан е одличен, а претставува можност за продлабочување на врските помеѓу младите. Секако, сме многу среќни што имаме можност тука во Охрид да ја организираме работилницата.“ – истакнува Годеке.
Таа додаде дека соработката со охридската гимназија „Св. Климент Охридски“ ќе продолжи и во иднина, со поддршка од градоначалникот на Охрид и директорот на гимназијата.
„Имаме планови во октомври оваа година повторно младите од Македонија да дојдат во Берлин, каде што ќе престојуваат и полски ученици, а ова лето средношколците од Охрид ќе учестуваат на еден проект во кој се вклучени осум земји. Наредната година, ќе продолжиме со исто темо и ќе го посетиме Охрид.“ – додава Годеке.
Инаку, пред осум месеци, учениците од проектна активност – драма од охридската гимназија предводени од професорката по македонски јазик Ирена Бачиќ учестуваа на Меѓународната театарска работилница во Вансе кај Берлин, каде што покажаа завидни вештини и талент. Проектот беше реализиран од „Wansee“ – форумот од Берлин, со финансиска поддршка на Владата на Сојузна Република Германија и Градот Берлин, како и охридската локална самоуправа.
О.Т.