Екс директорот на ЈП „Охридски Комуналец“, Сашо Алчев, донеска добил отказно решение, поради неговите изјави во медиумите во кои тој ги повика граѓаните да не ги плаќаат сметките за јавна чистота бидејќи услугата не се реализира, како и поради нарушување на угледот на јавното претпријатие.
Сашо Алчев во изјава за OhridNews ја потврди информацијата. Тој посочи дека отказното решение нема рок за жалба, но дека тој веднаш го обжалил, а подготвува и тужба.
– Ова е уште еден обид на власта да ги замолчи неистомислениците и тие што ја кажуваат вистината. И понатаму ги повикувам граѓаните да не плаќаат сметки за јавна чистота, затоа што парковите се претворени во ливади, дрворедите несредени, улиците се неисчистени и неизмиени согласно планот за работа. Целосна одговорност понатаму ќе си сноси раководството на претпријатието затоа што ова е непромислен акт на луѓе кои воопшто не ги познаваат законите и носат одлука која е на штета на јавното претпсијатие, а на крај товарот ќе падне на граѓаните, изјави Алчев.
Засега ЈП „Охридски Комуналец“ е без коментар во врска со отказот на поранешниот директор Алчев.
OhridNews