Голема опасност ги демне жителите кои имаат домови и имоти на брегот од Охридското Езеро. Особено загрижувачка состојбата е во населбата Канео, каде надојденото Езеро и силниот југ синоќа ги оставија мештаните без сон, а предизвикана е и материјална штета.

– Оваа година имаше многу дожд и езерото претерано надојде, а знае кога е така да фати страшен југ и  доаѓа до катастрофа. Цела ноќ не сме спиени, направена е голема штета. Да тргнеме од мостот на желбите кој е уништен пола и повеќе, па има многу убави патеки на крајбрежјето  за туристите се е уништено, немаме каде да ги носиме чамците, ги ставаме во куќите циментата се уништија, цвеќа се тоа се уништи. Во домовите, подрумите во летните кујни има поплава.-изјави Ирак Каневче, жител на Канео.

Мештаните велат дека голем проблем претставува лошата регулација на Охридското Езеро, која според нив не е соодветна и мора најитно да се преземе нешто, со цел да не доаѓа до поплави и несакани последици.

-Синоќа беше тука како на филм. Големи бранови ја заплискуваа населбата, а штетите се очигледни. Мислам дека тие што го регулираат нивото на водата треба да водат сметка за нас кои имаме куќи на брегот кои се тука 100-на години, треба да се внимава на тоа.-истакна Кочо Каневче.

Според последните мерења, нивото на Охридското Езеро е 4 сантиметри над максимално дозволената кота и се наоѓа на 693,79 метри надморска височина.

Г.М.