Вчера во Културно-информативниот центар „Култура 365“, свечено беше отворена фотографската изложба „Охрид во 36 слики“ од Мишо Јузмески.
Како што истакна авторот, поентата на изложбата е да се претстави градот од сите аспекти на животот, на сите оние кои немаат можност да го видат Охрид во текот на целата година.
„Овие 36 слики го прикажуваат Охрид и како град, и како географско и културно подрачје од сите апсекти на животот. Како еден мозаик составен од мали сликички. Изложбата е посветена не само на охриѓани, туку и на сите оние кои доаѓаат од целиот свет, а не можат да го видат Охрид преку целата година.“ – вели охриаѓанецот Мишо Јузмески, кој веќе 15 години активно се занимава со фотографија.
Фотографијата за Јузмески, претставува моќен медиум и средство за изразување, што секој човек може да ја разбере на различен начин.
„Како публицист, пишувањето ми дава можност да се изразам слободно на различни теми. Но фотографијата има една моќ, која литературата ја нема. Таа е подостапна и не треба да се преведува, односно таа не знае за тие јазични бариери и граници. Во тој смисол, фотографијата ме привлекува како средство за изразување на она што го гледам.“ – додаде Јузмески.
Пред присутните се обрати и м-р Лидија Размоска, која истакна дека она што е карактеристично за оваа фотографска изложба е интензитетот на боите што ги нуди секоја од сликите.
„Езерото како неодминлив дел од Охрид што дава потполна инспирација за секое човеково сетило, приказот на нерасклинливата врска на традицијата со современиот свет и презентирањето на надежта како последна форма на живот преку фотографиите од цркви, се клучните три теми на кои се фокусира авторот преку оваа изложба.“ – истакна Размоска.
Таа додаде дека светлината и темнината како основни одлики на една слика, се презентирани во нераскинлива комбинација со езерото, пламенот од свеќите и зајдисонцето.
„Како постојано заминување и враќање, се дефинираат фотографиите на кои е претставена средба. Сопственото сфаќање за поривот кој предизвикува експлозија од емоции, авторот го пренесува во само неколку фотографии што ја означуваат осаменоста. Да се презентираат невообичаените делови од Охрид преку фотографската уметност, значи да се гушне сегашноста со секоја одделна клетка.“ – додаде Размоска.
Инаку, охриѓанецот Мишо Јузмески досега има реализирано 7 самостојни изложби и тоа во Мелник 2008-ма година, Елшани 2008-ма , Бургас 2011-та, Битола 2013-та и уште три во Охрид. Исто така, Јуземски учестувал и на една групна изложба, а некои од неговите фотографии се објавени како илустрации во разни публикации.
O.T.