Веќе неколку месеци охриѓани и сите љубители на квалитетната комедија, имаа можност да ги проследат настапите на кабарето „2 Mothers brothers” на Никола Тодороски и Стрезо Стаматовски. Овoj проект на двајцата охридски актери, исполнет e со динамични авторски песни, преработки и комичен сценски материјал.
Како што велат Тодороски и Стаматовски, кабарето во суштина претставува помал сценски перфоманс пред публика, чија основа е сатирична и комична.
„Кабарето како жанр е користен и во претставите и другите сценски изведби, но не во ваква форма каква што ние ја правиме. Нашата идеа беше да направиме комбинација од музика, стенд-ап, од класичен скеч комеди и театарски моменти, а пред се таа форма да може да го содржи кабарето.“ – велат Тодороски и Стаматовски.
Прв настап
Охриѓани за прв пат имаа можност да го проследат настапот на „Two mothers brothers“ пред новогодишните празници во охридскиот клуб „Џез-ин“.
„За привот настап со припрема започнавме во пролетниот период минатата година. Пишувавме материјал, го составувавме концептот. Направивме проби и за прв пат настапивме на 29-ти и 30-ти декември 2013 година пред новогодишните празници. Настапот помина одлично, повеќе од нашите очекувања.“ – велат нашите сограѓани.
Изразување преку музиката
Како што објаснуваат Тодороски и Стаматовски, песните и музиката за време на настапите не се случајно избрани, а најчесто станува збор за познати рефрени, чии текстови се заменети со авторски.
„Песната и музиката се изразно средство преку кое што сакаме да допреме до публиката. Жанровски, застапен е секаков вид на музика, од турбо-фолк до џез и традиционални песни. Меѓутоа имаме и авторски музички материјал, кој е комплетно наш и специјално направен за нашите настапи.“ – објаснуваат Тодороски и Стаматовски.
Најчесто се обработуваат теми од секојдневието
Тематиката која ја обработуваат Тодорски и Стаматовски се состои од секојдневните проблеми на луѓето, преку еден пост-модерен пристап кон публиката.
„Се занимаваме со секојдневните проблеми на луѓето, односот мажи-жени, секојдневните работи и личностите од нашата историја кои ги ставаме со поинаква конотација. Исто така, обработуваме познати песни каде музиката ја задржуваме, а текстот го ставаме во поинаков конктекст кој воглавно е сатиричен. За овој материјал е потребно директно да се учествува во истиот. Колку повеќе учествува публиката, толку настапот е побогат.“ – велат нашите соговорници.
На 28-ми март настап во Центарот за култура
Покрај закажаниот настап во малата сала при Центарот за култура „Григор Прличев“ на 28-ми овој месец, во иднина Тодороски и Стаматовски планираат материјалот да го промовираат не само надвор од Охрид, туку и вон границите од земјава.
„Ова лето планираме колку што е можно повеќе да настапиме во Охрид. Засега материјалот е наменет за публиката во земјава, но за во иднина имаме нови идеи за настапи во странство. Како и да е, секој нов материјал што во иднина ќе излезе од нас, охриѓани ќе имаат чест први и премиерно да го видат.“ – велат Тодороски и Стаматовски.
O.T.