Ден по завршувањето на првиот круг од претседателските и локалните избори во Охрид. Се сумираат впечатоците, се разгледуваат резултатите од гласањето, кое овој пат на ниту еден од кандидатите не му донесе победа уште во првиот круг, како што беше случај на минатите локални избори во општина Охрид. Тогаш, кандидатот од СДСМ и коалицијата, Јован Стојаноски ја понесе победата уште во првиот круг со освоени 18.262 гласа односно 54.07% со што градоначалничката функција беше осигурана без да се трча втор круг.

Она што сега паѓа „во очи“ и што повеќе од сигурно е дека ги загрижува двете најголеми политички партии во земјава, ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, е значително пониската излезност на овие избори. За споредба, на локалните избори во 2017 година, во општина Охрид на гласање излегле 33.774 граѓани, односно излезноста била високи 63.93%.

Сега, 2019 на локалните избори во Охрид гласале 28.118 граѓани или 53.84% од вкупно запишаните избирачи. Тоа значи дека на вчера одржаните локални избори граѓанското право го оствариле 5.656 гласачи помалку во споредба со 2017.

Значителна разлика и во однос на добиените гласови на кандидатите од ВМРО ДПМНЕ и СДСМ.

Кандидатот за градоначалник од СДСМ и коалицијата во 2017 освоил 18.262 гласа односно 54.07%, додека на вчерашните локални избори нивниот кандидат освои 13.037 гласа, односно 46.37%. Тоа значи дека кандидатот на оваа партија во 2017 освоил 5.225 повеќе гласа од сегашниот кандидат на партијата.

Кандидатот за градоначалник од ВМРО ДПМНЕ, Митко Тилески во 2017 освои 13.560 гласа односно 40.15%, додека на вчерашните избори за кандидатот од оваа партија, Митре Милошевски се изјаснија 10.614 граѓани, во проценти 37.75%. Ако се спореди бројот на освоени гласови на нивниот кандидат на овие и претходните избори, Милошевски освоил 2.946 помалку гласа од оние кои ги добил Тилевски во 2017.

Она што дополнително привлече внимание на овие локални избори е и големиот број неважечки гласачки ливчиња. Во Охрид нивниот број изнесуваше 1.256.

Останува партиите да ги анализираат ваквите резултати и утврдат причините за падот на довербата која граѓаните им ја искажаа само после изминати две години.

Во меѓувреме продолжува предизборната кампања и обидите на двете партии за придобивање на поголема доверба од гласачите кои ќе треба повторно да излезат на гласање на вториот круг од изборите закажани на 5 мај.

Т.К.