Како што информираат од Основниот суд во Охрид, заедничка проценка на сите судии било да се испрати одлуката во Битола.
– За да нема никаков сомнеж при работата на судот во постапувањето по предметот, за пристрасност и донесување на пресудата, оставаме Апелација да одлучи каде ќе продолжи судскиот процес, е ставот на претседателот на Основниот суд, Владо Дејаноски.
Од Апелациониот суд во Битола објаснуваат дека, по потпишувањето на изјавите на охридските судиите за изземање, на нив останува единствено да донесат одлука во кој суд ќе биде префрлен предметот, односно дали тоа ќе биде во Основниот суд во Битола, Прилеп или Струга, кои се под надлежност на Апелациониот суд во Битола.
Инаку, одлуката за изземање на Кривчниот совет предводен од судијката Милка Танеска од случајот, кој започна во Основниот суд во Охрид, според адвокатите од одбраната е незаконска.
– Одлуката за изземање на Кривичниот совет од постапката е донесена на барање на полномошникот на семејството Новаковиќ, односно на оштетените, кој според Законот за кривична постапка не е странка во судскиот процес. Такво барање до судот може да поднесат само странките во постапката, а тоа се овластениот тужител и одбраната, но не и полномошникот на оштетените.-изјави за OhridNews, адвокатот Игор Кичеец.
Како што е познато, претседателот на Основниот суд Охрид, Владо Дејаноски, на барање на полномошникот на семејството на убиениот српски турист, во понеделникот донесе решение за изземање на Кривичниот совет кој го водеше судскиот процес за убиството на српскиот турист, поради пропусти во постапката.