Само тринаесет бода од можни триесет и три се премалку за амбициозниот тим на Охрид Лоте, кој на стартот на шампионатот најавуваше беспоштедна битка за влез во прволигашкото друштво. По импозантната серија во првите пет рунди по која се најдоа на второто место на второлигашката табела, колата почна да се движи низ брдо и по серијата четири порази се најдоа на деветтата позиција на табелата.


 
Нападот кој беше посилната страна на екипата која по седум кола со постигнати 14 гола беше најефикасен во лигата, во последните четири порази само еднаш ја затресе противничката мрежа.

Одбраната не одигра на ниво, а постојаната ротација на голаманската позиција не ја даде потребната стабилност на екипата. Охрид Лоте е единствениот клуб во второлигашката конкуренција кој промени дури три голмани на својот гол, а притоа тројцата ја вадеа топката од својата мрежа.

Каде пукна филмот, допрва во клубот ќе треба да се расправа, бидејќи алармот и тоа како свети, а време за корекција многу нема.

До крајот на есенскиот дел од шампионатот, “градежниците“ гостуваат кај претпоследно пласираниот Новаци, додека во последната рунда се игра градското дерби со Охрид.

М.П.