Ова е прашањето што си го поставува секој кој барем еднаш бил во ситуација да му е украден велосипедот. Има и такви граѓани на кои тоа им се случило и повеќе пати. Се крадат од улица, но не е мал бројот на велосипеди кои се украдени од влезови на станбени згради каде биле соодветно заклучени или од подрум.
Според статистиката на охридската Полициска станица, во периодот од 1-ви јануари до 25-ти октомври годинава, пријавени биле 47 кражби на велосипеди. Како што информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, од пријавените кражби, 38 се кривични дела кои се гонат по приватна тужба, од кои 9 се реализирани додека 9 кражби на велосипеди се кривични дела кои се водат по службена должност. Од нив, 4 кражби на велосипеди биле реализирани, односно бил пронајден сторителот на казненото дело и е поднесена соодветна пријава.
Оваа бројка на украдени велосипеди најверојатно е поголема со оглед на тоа дека многу од оштетените граѓани не пријавуваат во полиција. Зошто? Затоа што освен што ќе изгубат дел од своето драгоцено време за пополнување на пријавата, многу е мала веројатноста дека ќе биде пронајден нивниот велосипед.
– Мојот велосипед беше украден од подрум кој беше заклучен со катинар, прозори кои се заштитени со метални шипки и каде воопшто не може да се има увид што има внатре доколку некој точно не знае што има. Отидов и пријавив во полиција. Околу половина час беше потребно за да се состави пријавата, за да бидам информиран дека полицијата нема да изврши увид на лице место, бидејќи нема знаци на обивање. Тоа значи дека колку е поумешен крадецот, толку подобро за него. Никој не се обидува да го бара. Интересно е и што од полиција добивате совет- доколку го приметите некаде својот украден велосипед, треба да се јавите во полиција тие да дојдат и го одземат, доколку вие сами тоа го направите го прекршувате законот. Иако е мала веројатноста дека ќе го пронајдете во истиот град, колкава е веројатноста дека крадецот ќе чека полицијата да дојде и му го одземе, прашува граѓанин кој неодамна остана без својот велосипед.
И се завршува на тоа. Пополната пријава која се става во архивата на полицијата. Неофицијално, не се троши многу енергија од страна на надлежните затоа што не станувало збор за поголема материјална вредност, иако вредноста на поевтините велосипеди е колку една просечена плата во земјава.
Поради честите кражби на велосипеди на социјалните мрежи има и групи во кои се пријавуваат украдените велосипеди со надеж дека можеби ќе бидат пронајдени. Постои веројатноста дека тие завршуваат на одредени локации на кои потоа се препродаваат.
– Во јавноста се зборува дека од Охрид се носат во други градови и се препродаваат. Многу ретко кради поединец со цел да го вози низ градот. Очигледно локалните крадци се информирани каде потоа да ги носат велосипедите за да можат нелегално да заработат од кражбата, вели наша сограѓанка.
Полицијата со став дека не станува збор за организирана група извршители на кражбите, туку дека тие најчесто се случуваат поради невнимание на сопствениците.
– Најчесто тоа е во згодна прилика и кога велосипедите се оставени необезбедени. Воедно, ги замолуваме граѓаните за поголема грижа кон овие и другите свои вредни предмети и нагласувам дека СВР Охрид продолжува со работа за реализација и на останатите кражби на велосипеди и другите казнени дела, вели портпаролот Димоски.
Од здруженијата на велосипедисти, сметаат дека со одредена регистрација на велосипедите би имало и поголем увид и би се спречило нивно евентуално изнесување преку граница.
И додека постојано слушаме препораки за здрав живот и замена на автомобилите со велосипеди, голем број граѓани не се одлучуваат да купат велосипед поради стравот дека и нивниот ќе заврши во евиденцијата на полицијата во категоријата на украдени добра.
Т. Кувенџиска




.jpg)










