При акција на полициските службеници и извршен преглед врз еден од охриѓаните, на 13- ти минатиот месец, во торбицата што ја носел пронајдени биле вкупно 22 најлонски кеси со различни археолошки артефакти. Предметите кои биле направени од бронза и сребро и кои се со археолошко значење се одземени и предадени во Завод и музеј – Охрид.
Купопродажбата на дваесет и двата археолошки предмети била извршена на 12-ти минатиот месец во домот на друго лице од Охрид кое со намера да стекне противправна имотна корист на пријавениот му ги понудил и продал археолошките предмети за 3.500 денари. Откако ги купил старите и вредни археолошки предмети направени од бронза и сребро, првопријавениот несакајќи да ги носи дома, ги сокрил во близина на скаличките кај паркот на паднатите борци во Охрид.
Утредента околу 15 часот тој ги откопал најлонските кесички и со намера, вредните предмети да ги сокрие на друго место, се упатил кон центарот на градот. По кратко време тој е забележан и приведен во СВР Охрид.
СВР Охрид презема понатамошни мерки за утврдување на потеклото на вредните археолошки артефакти.