На триесеттина метри од црквата Св. Наум расфрлани се кожи, коски и мрша од теле, кои според сознанијата на селаните ги фрлил сопственик на фарма од селото Лакочереј.
– Ова не е прв пат лицето да фрла остатоци од животни во близина на Орман, сега и температури се високи што доведува до брзо распаѓање и миризбата е неподнослива. Деновиве е и селска слава во Орман и централната прослава е токму во црквата во чија близина се расфрлани остатоците, велат жителите.
Повикани се и инспекциски служби со цел да се отстрани отпадот и да се преземат мерки против лицето кое го расфрлало.
Надлежните информираат дека на лицето од Лакочереј му било кажано под итно да ја отстрани мршата од животното и остатоците, доколку тоа не го направи против него ќе бидат преземни соодветни санкции.
Во отсуство на сточни гробишта и специјална јама, за фрлање на остатоците од пцовисани животни се ангажираат службите на ЈП Охридски комуналец кои потоа ги носат на депонијата во Буково.Но, очигледно со цел да се избегнат трошоците за ангажирање на јавното претпријатие, на поединци најлесно им е мршите да ги фрлаат каде што ќе стигнат.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство најавуваат дека во соработка со локалната самоуправа се преземаат мерки за решавање на проблемот и изнаоѓање соодветно место каде би се закопувал мртвиот добиток.