Пишува: д-р Виолета Николовска Бучкоска – специјалист по офталмологија во очна болница „Деница“ – Скопје

Колку и да нè привлекуваат сонцето и пролетните температури да излеземе надвор, за голем број луѓе доаѓањето на топлите денови значи и борба со алергии. Тие најчесто се јавуваат со доаѓањето на пролетта. Очи што солзат, црвенило, чешање, главоболка се само дел од симптомите на алергијата на очите.

Алергиските болести денеска се категоризираат во болести на модерното време и сè повеќе добиваат карактеристики на пандемија. Се смета дека околу една четвртина од светската популација е алергична на некоја супстанција и, поради тоа, страда од некаква алергиска реакција.

Алергијата на очите е едноставна за препознавање: црвени очи, потечени капаци, чешање и солзење на очите, кивање и течење на носот.

Како настанува алергијата и кои се нејзините причинители?

Појавата на алергии значи дека е нашиот имунолошки систем пречувствителен и неадекватно реагира на инаку безопасни супстанции. Имунолошкиот систем кој уредно функционира нè штити од болести така што ги уништува штетните микроорганизми кои влегуваат во организмот. За жал, кај алергиите нападот од инаку безопасните супстанции (алергени) како полен, прашина, животински влакна, храна или лекови предизвикува воспаление. Очите реагираат на алергените што ги иритираат со што настанува реакција кај нив.
Алергијата на очите, исто така, може да биде предизвикана од одредени козметички производи или капки за очи, вклучувајќи ги и вештачките солзи за суви очи што содржат конзерванси. Алергијата на одредена храна или на пример, на убод од пчела или од други инсекти, во принцип не влијаат толку интензивно на очите, како што е тоа случај кај алергиите на полен, мувла и кpлежи.

Практични совети како да ги намалите симптомите на алергија на очи

Избегнувајте алергени.
За време на висока концентрација на полен во воздухот, што помалку отворајте ги прозорците во домот или во автомобилот, избегнувајте го излегувањето рано наутро (најмногу полен се отпушта околу 5 часот наутро), како и излегувањето во текот на сончевите и ветровитите денови во текот на цветањето на растенијата. Кога ќе се вратите дома, соблечете ја облеката што сте ја носеле надвор и измијте ја косата. На лица што боледуваат од поленска грозница може да им помогне и редовно испирање на носот со физиолошки раствор и користење на вештачки солзи за очи без конзерванси. Избегнувајте миризливи освежувачи на просторот, како и миризливи свеќи. Новите истражувања покажуваат дека ги влошуваат симптомите на алергиската реакција.

Не ги тријте очите.
Користете вештачки солзи без конзерванси и ставајте ладни облоги на очите за да го намалите воспалението и концентрацијата на алергени во очите. Избегнувајте облоги од камилица, мед и слични производи!

Извадете ги контактните леќи.
Имајќи во вид дека контактните леќи на својата површина можат да привлечат алергени, размислете за опција на носење на диоптерски очила во текот на сезоната на алергии. Друга опција е да носите дневни контактни леќи што се фрлаат по секое носење, за да се избегне собирање на алергени на контактните леќи.

Лекови.
Во случај на силен алергиски конјуктивитис потребно е да отидете кај офталмолог. Лечењето може да вклучи антихистаминици или противвоспалителни капки за очи, стероидни капки за очи (кај сериозни случаи)

Доколку чешањето, отоците и другите симптоми на алергија се влошуваат, веднаш посетете офталмолог. Не користете кортикостероиди или други противвоспалителни лекови без надзор на лекар, бидејќи истите можат да бидат штетни по вашето здравје!

Понекогаш е тешко да се направи разлика помеѓу алергиски и инфективен конјуктивитис, особено во периодот на поленската грозница кога црвените и солзливи очи се заеднички симптом. Доколку е црвенилото изразено само на едното око, тогаш се мали шансите да станува збор за алергиски конјуктивитис.

Важно е да се нагласи потребата веднаш да се обратите кај вашиот офталмолог доколку чувствувате болка во окото, имате изразена осетливост на светлина, ако е намалена видната острина, бидејќи ова не се симптоми на алергиски конјуктивитис.

Текстот е објавен во магазинот „Наше Здравје“
на фармацевтскиот бренд „Виа Фарм