Како да го заштитиме нашето здравје во лето, како и актуелни теми, препораки и совети од областа на медицината, фармацијата, стоматологијата, здравиот живот, убавината и исхраната, ќе прочитате во новото издание на специјализираниот магазин за здравје и современ живот „Наше здравје“, чиј втор број штотуку излезе од печат.

Издавач на магазинот „Наше здравје“ е ланецот аптеки „Виа Фарм“ во соработка со Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“. Истиот ќе излегува квартално, односно четири пати годишно (во пролет, лето, есен и зима). Главен и одговорен уредник на магазинот е Марица Угриновска Баткоска – магистер по фармација, извршен уредник е Горан Момироски, графичкиот дизајн е на Антонио Стаматоски, а техничка поддршка пружија „OhridNews“ и „Мега продукција“.

-Темите во вториот број на магазинот „Наше Здравје“ ги посветуваме на она што е значајно за зачувување на нашето здравје од опасностите кои не демнат во лето, за што консултиравме еминентни стручњаци од областа на медицината, стоматологијата, убавината и исхраната.- вели главниот и одговорен уредник на магазинот Марица Угриновска Баткоска.

Во вториот број на „Наше Здравје“ ќе прочитате статии за дегенеративното заболување на коленскиот зглоб – болест на современиот свет, за габичните инфекции, меланомот, актуелни теми од областа на стоматологијата и разговор со Д-р Небојша Баткоски, како и корисни совети за убавина и правилна исхрана.

Првиот број на специјализираниот магазин “Наше Здравје“, прв од вакиов вид во регионот, од печат излезе оваа пролет и предизвика позитивни коментари како кај граѓаните, така и кај стручната јавност.

-Ваквите изданија се еден современ начин за едуцирање и многу е важно што зад содржините на списанието „Наше здравје“ стои професионален тим на доктори, стоматолози и фамацевти, кои внимаваат на квалитетот и веродостојноста на содржините. Тоа треба да биде потврда за читателите дека она што ќе го прочитаат е медицински издржано и дека може да го прифатат како совет. Се надеваме дека списанието и во наредните броеви ќе донесе интересни соджини кои ќе го привлекуваат вниманието и ќе бидат интересни за читање, истакнаа дел од општите лекари од Охрид, со кои поразговаравме на оваа тема.

Бесплатниот магазин „Наше здравје“ ќе може да се најде во аптеките „Виа Фарм“ во Охрид, Струга, Вевчани и Лабуништа, во Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“ во комплексот „Св. Ѓорѓија“ во Охрид, во јавните здравствени установи и болниците во Охрид и Струга, како и во познати хотелски и угостителски брендови, модни салони и други препознатливи места во регионот.

OhridNews