Зима е. Се менува целата природа, а човекот мора да се прилагоди и да се заштити. Во оваа смисла, особено е важна заштитата на очите од сувиот и ладен воздух. Кога престојуваме на отворено, ладниот и сув воздух, често придружен со ветер ја надразнува предната површина на окото и го зголемува испарувањето на солзниот филм, кој го навлажнува и го заштитува окото. Тоа го надразнува и го иритира окото, па се јавува печење, црвенило и реактивно солзење како најчести симптоми на кои се жалат пациентите.

Не е ништо подобро ни во затворени простории, бидејќи, поради затоплувањето, воздухот е сув и повторно се зголемува испарувањето на солзниот филм. На очите им е потребна помош, а таа е многу едноставна и достапна за пошироката популација. Пред сѐ, тоа се заштитните сончеви очила, бидејќи ултравиолетово зрачење има и при облачно време, додека во услови на снег, белата снежна површина дополнително ги рефлектира УВ-зраците и го мултиплицира нивното штетно дејство врз организмот, односно врз кожата и очите. Се ослободуваат слободни радикали кои штетно делуваат на мрежницата и на нејзиниот пигментен епител и се нарушува неговата заштитна функција. Кумулативното, долготрајното дејство на овие фактори надополнети со возраста, фактори поврзани со исхраната, наследноста итн. можат да доведат до сериозни нарушувања како сенилна дегенерација на жолтата дамка, катаракта (заматување на природната леќа), а при посилно акутно дејство и така наречена „соларна ретинопатија“.

Љубителите на зимските спортови задолжително треба да користат заштитни очила. Со нив не само што се заштитуваат од УВ-зраците, туку се заштитуваат и од честиците од снег, мраз или нечистотија што можат да продрат до окото.

Во затворени простории, домовите и работните места, потребно е да се користат навлажнувачи на воздухот, а во нивни недостиг може да се импровизира со чаша вода во близина на грејните тела. Ако тоа не е доволно, ќе треба да се користат вештачки солзи. На нашиот пазар има многу вакви производи со различен состав, а во поново време и со додаток на аминокиселини, ехинацеа и друго, кои во голема мера благопријатно и заздравително делуваат на предната очна површина.

При зголемено солзење на очите, треба да се користат чисти марамчиња за да се превенира нивна инфекција.

Во исхраната потребно е поголем внес на овошје и зеленчук, односно продукти кои содржат антиоксиданси, особено бета каротини. Пред сѐ, тоа се црвено и портокалово обоени продукти (црвено грозје, црвено вино, морков, цвекло, црвен компир, црвена тиква, боровинки, портокал, мандарина, домат), а од останатите продукти тука се гравот, брокулата, кељот, зелените салати, рибата (особено онаа со црвено месо). Подобро е продуктите да се консумираат благо сварени или обарени и прелиени со маслиново масло, бидејќи станува збор за липосолубилни материи и витамини кои организмот може да ги ресорбира единствено доколку бидат врзани со маснотии.

Организмот треба да се хидрира, да се пие вода, да се конзумираат топли, по можност домашно приготвени јадења кои воедно и ќе го зајакнат организмот, ќе ги заштитат очите и ќе го згрејат телото во претстојниот зимски период.

д-р Марина Ковачевска Трпеноска
Специјална очна болница „Деница“
Текстот е позајмен од магазинот „Наше Здравје“