Трибина за заштита на рибниот фонд ќе се одржи денеска во Охрид, во организација на зелената партија ДОМ и Риболовното друштво „Св.Петар“ од Охрид.

Преку дијалог на  преставници на владини институции, стручните лица и граѓанскиот сектор ќе се обидеме да дојдеме до одговори на прашањата: Како да го заштитиме рибниот фонд? Како да го спречиме исчезнувањето или намалувањето на рибните населби? Како да го одржиме квалитетот на водите во кои рибите опстојуваат? Дали треба да има стопански риболов и за кои видови? Кои политики се потребни? Какви решенија можеме да понудиме? …. велат организаторите.

Одржувањето и заштитата на рибниот фонд во Охридското Езеро не е ниту лесен, ниту брз процес. Превземањето на соодветни мерки за заштита бара пред се континуиран мониторинг на бројноста на одделните видови. Трендот на промени во подолг временски период ќе ни ги понуди основните насоки во кои треба да дејствуваме. Сето тоа бара знаење, искуство и многу воља за подобрување на состојбите, но и беспрекорна координација помеѓу институциите и граѓанскиот сектор, сметаат иницијаторите на трибината.

На трибината поканети се претставници на државни институции, локални претпријатија, невладини организации и експерти.

OhridNews