Во пресрет на дочекот на Новата 2016 Година OhridNews ги праша охридските политичари, каде и со кого ќе ја поминат новогодишната ноќ и што претставуваат новогодишните празници за нив.
Советникот во Советот на општина Охрид од редовите на ВМРО-НП, Јоне Станкоски вели дека секоја новогодишна прослава за него е и роденденска, бидејќи е роден на 31-ви декември.
-Новогодишната вечер ќе ја поминам во својот дом со најблиските, со семејството и со неколкумина пријатели кои традиционално уште од детството доаѓаат во мојот дом заеднички да го прославиме мојот роденден. Со оглед на тоа дека сум роден на 31 декември, оваа вечер, дочекот на Новата година, секогаш е посебна за мене и за моето семејство. Започнувајки од дочекот на Новата година, јас би рекол дека цел јануари се празници каде семејството секогаш е заедно, месец во кој ќе се видиме со најблиските, со луѓето кој ни значат нешто. Навистина ни претстојат убави празнични денови, а на охриѓани им посакувам попросперитетна година, исполнета со здравје и љубов, година во која младите ќе започнат да ја градат својата иднина во нашиот убав Охрид, вели Станкоски.
Пратеникот во Собранието на Република Македонија и Претседател на Општинската организација на СДСМ Томислав Тунтев вели дека за дочекот на Новата година ќе биде заедно со најбилиските пријатели.
-Доаѓањето на Новата година, заедно со сопругата, ќе го прославиме во кругот на нашите најблиски пријатели, во некој од угостителските објекти во Охрид. Новогодишните празници за мене првенствено претставуваат можност да бидам со моето семејство, деновите да ги поминам во кругот на моите најмили, нешто што многу ми недостасува во текот на работните денови. Исто така, новогодишните празници секогаш ги чувствувам како денови кои означуваат нов почеток, како шанса за нови постигнувања и успеси на личен и на професионален план. Новогодишните празници се можност за заедничко дружење со пријателите, да си ги честитаме претстојните верски празници и да си посакаме добро здравје, за многу години, изјави Тунтев.
Заменик градоначалникот и советник во советот на општина Охрид Ангел Јанев новогодишната ноќ ќе ја помине во домашна атмосфера.
-За дочекот на Новата 2016 година ќе бидам во домашна атмосфера, со семејството и пријателите, а околу полноќ планираме да бидеме на градскиот плоштад во Охрид. Новогодишните празници, како и сите празници воопшто, за мене го претставуваат она што самиот збор го кажува. Тоа е времето кое е корисно и потребно за да се одбележи одреден датум. Според мене, годи мислата дека во принцип не е толку важно што прославувате (иако и тоа е важно) туку со кого прославувате. На сите читатели на OhridNews им поскувам Среќна Нова 2016 Година и посакувам како медиум да продолжите со успешната и позитивна промоција на Охрид и Македонија, рече Јанев.
Советничката во советот на општина Охрид од редовите на СДСМ, Жаклина Лазаревска вели дека новогодишната ноќ ќе ја помине со најблиските роднини.
-Новата 2016 година ќе ја пречекам во хотел Силекс во Охрид, во друштво на моите најблиски роднини кои специјално за дочекот се дојдени од Германија и од Скопје. Заедничкиот дочек на Новата година со најблиските за мене е симбол на заедничко споделување и испраќање на сите убави, лоши, среќни и тажни моменти од годината која изминува, но воедно и надеж, желба и верба во нова посветла иднина. За Новата 2016 година посакувам стабилизација на државата, посакувам среќа, здравје и убави моменти за сите нас …. Посакувам да нема поделби по било која основа и секој да биде свесен дека не треба на другиот да му го прави тоа што не сака на него да му го направат, истакна Лазаревска.
Советникот на ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Пановски новогодишните и божиќните празници ќе ги помине во кругот на семејството.
-Новогодишните и божиќни празници како и секоја година ќе ги поминам со семејството. После година со многу отсуства од дома ова се денови за гушкање со најблиските и потсетување дека нема ништо повредно од љубовта. И што и да сум, aкo љубов немам ништо не сум. Новогодишните празници значат пораки за добра среќа во новата бројка, и надеж дека никогаш нема да дозволиме злото околу нас да го разбуди злото во нас. Впрочем прави добро и сакај ги луѓето и природата рекол Свети Климент. Нека е среќна 2016 за сите!, изјави Пановски.
Претседателката на Советот на општина Охрид Гордана Коњаноска новогодишните празници ќе ги помине во кугот на семејството и пријателите.
-Годинава новогодишните празнични денови ќе ги поминеме во Охрид и на мое големо задоволство семејството ќе биде во полн состав. Новогодишната ноќ, ќе ја поминам заедно со блиски пријатели во едно од нашите омилени места во Охрид – Куба Либре. Инаку и овие како и останатите празници заради неколкуте слободни денови се можност да сме повеќе заедно со семејството и пријателите. Новогодишната атмосфера од друга страна, влева нови надежи и нов оптимизам, впрочем како и секој нов почеток, вели Коњаноска.
Пратеникот во Собранитето на Република Македонија од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, д-р Сашо Василевски вели дека Новогодишната ноќ ќе ја помине во Охрид.
-Вообичаено јас ги поминувам новогодишните и божиќните празници во кругот на мојата фамилија и пријателите. Некако традиционално за дочекот на Новата година моето друштво се собира во мојот дом повеќе години наназад и така ќе биде и за оваа новогодишна ноќ. Новогодишните празници се убав момент за споделување на радост, позитивна енергија и незаборавни моменти со луѓето кои ни значат. Би сакал на сите читатели на OhridNews и на граѓаните на Охрид да им посакам среќни новогодишни и божиќни празници, рече Василевски.
Советничката на НСДП во Советот на општина Охрид Верица Хајба за Новогодишниот дочек ќе биде на Градскиот плоштад.
-Новата Година ќе ја пречекам со моите најблиски пријатели на градскиот плоштад. Радоста и надежта за поубава година сакам да ја споделам со моите сограѓани. Новогодишните празници ги доживувам како момент кога посакувам остварување на некои мои лични неостварени желби. Најголема желба ми е во годината која е пред нас да има поголема љубов и почит помеѓу луѓето, да слушаме секојдневно вести за убави достигнувања на поединци од различни области, мојот народ да биде побогат и побезгрижен, истакна Хајба.
Е.М