Охриѓани, различно гледаат на најавената инвестиција на индискиот милијардер Субрата Рој. Неговата компанија „Сахара Индија Паривар“ планира изградба на модерен туристички комплекс на брегот од Охридското Езеро кај селото Љубаништа. Проектот пред два дена беше доставен до владата.

Помладата генерација, со доза на оптимизам гледа кон овој проект. Студентите и сезонските работници сметаат дека доколку се реализира оваа инвестиција, тоа ќе значи заживување на градот и вон туристичката сезона. „Оптимист сум дека планот ќе се реализира. Со неговата изградба ќе се отворат нови работни места, а ние младите нема да бегаме од родниот крај. Инвеститорот се претстави како сериозен и влијателен човек од Индија, а ние оптимистите веруваме во него“ – вели невработен студент од Охрид.

Повозрасниоте охриѓани со резервa ја примаат веста за овој проект. Тие потенцираат дека додека не отпочне изградбата, не веруваат на овој преамбициозен план. „Веќе некое време се најавува дека градот, па и околината ќе ни станат Лас Вегас. Се некако се преценуваме. Низ весниците кружеа информации дека се е само една голема лага, но кој знае. Од една страна сме скептици, но истовремено и реалисти. Сите сакаме градот да ни заживее во текот на целата година, а младите да останат тука покрај нас. Времето ќе покаже дали најголемите скептици биле во право“ – вели Миле С. од Охрид.

Има и такви кои воопшто не се запознаени со овој проект. „Прв пат слушам за ваквиот план. Нас не интересира само редовната и навремена исплата на пензиите. Ако се гради вакво нешто ќе се уништи целото зеленило на Љубаништа. Како и да е, нека му ја мислат младите. Тие се нашата иднина“ – вели пензионер од населбата Долна Влашка Мала.

Претседателот на ХОТAМ, Дончо Танески, исктана дека во целост го поддржуваат овој проект. Според него, градењето на еден таков комплекс ќе придонесе за развој на туризмот во охридскиот регион. „Максимално ја поддржуваме идеата за изградба на луксузен комплекс. За време на градењето сигурно ќе бидат ангажирани работници од земјава и од Охрид, со што ќе се отворат работни места за сите. На овој комплекс не гледаме како на конкуренција, туку на можност за вработување на младите од Охрид.“ – потенцира Танески.

Времето ќе покаже, кој бил во право, дали скептиците или најголемите оптимисти. Инаку,  планираниот проект треба да се гради на површина од 240 хектари, а ќе содржи хотели од светска класа, казина, станбени и рекреативни објекти и терен за голф по меѓународни стандарди.
 

О.Т