Најголемиот православен празник Велигден најчесто се прославува во рамки во семејна атмосфера, но секое населено место во Македонија се одликува со свои карактеристични обичаи и традиции на славење.
Во Централна Македонија односно во градот Велес освен смејниот ручек и посетата на роднини за време на празникот карактеристично е и подновувањето во домот.
-Домот за Велигден треба да се вароса или темелно да се исчисти. Исто така за Велигден домаќинките во куќата обично купуваат нешто ново, најчесто садови за домаќинство или некој друг предмет. Исто така помладите за овој голем ден, мора да се облечат во нова облека, велат велешани.
Православните верници во градот Тетово, големиот христијански празник Велигден го одбележуваат со многу специфичен обичај. На денот на празникот, сите куќи се отворени за визитари.
-Како визитари обично одат мажите и машките деца од секое семејство, кои како по обичај треба да ги посетат сите домови на роднините и пријателите кои им се драги. Во домовите визитарите ги пречекуваат домаќинките и женските членови на семејството. Визитарите шетаат цел ден, а во секој дом трпезата е поставена со разни јадења, слатки и секако велигденски јајца, вели Славица Трпческа, од Тетово.
Во градовите во источна Македонија, Велигден исто така се прославува во семејните кругови. Жителите на Штип велат дека за овој празник можеш да се видиш со сите оние со кои не си се сретнал цела година.
-Сите кои што живет надвор од градот, за овој голем празник доаѓаат дома или кај свои роднини. Дури и иселениците кои живеат во странство за овој голем празник доаѓаат во Штип. По црковните церемонии во штипските цркви, верниците се собираат на семеен ручек. Се руча јагнешко или свинско месо. По ручекот, по традиција помладите верници треба да одат кај постарите роднини и пријатели и да им честитаат празник, појаснуваат штипјани.
За верниците од Гостивар, Велигден е најголемиот и најважниот празник. На светата литургија наспроти празникот, во централниот црковен храм ,,Света Богородица”, кој е лоциран во центарот на градот се собираат над 10.000 верници.
-Бидејќи вечерта наспроти празникот сите не можат да влезат во црквата и да запалат свеќа, си земаат свеќи во рацете и ги горат се до полноќ. Постои верување дека, немажените и неженетите млади, остатокот од догорената свеќа истата ноќ треба да го стават под перница, за да го сонат оној што ќе им биде животен сопатник. Кога камбаните ќе го означат христовото восхресение, се приредува спектакуларен огномет, раскажува Рената Беловинова од Гостивар.
Таа објаснува дека веднаш по полноќ верниците се упатуваат во угостителските објекти или во домовите, каде што со музика, забава и богата трепеза се слави се до раните утрински часови.
Е.М