Купишта ѓубре ги нагрдуваат најубавите природни предели во Охридско – преспанскиот регион и во Струшко, кои се и најпосетувани од туристите. Планините Галичица и Јабланица, Дрим, Сатеска и многу локации околу Охридското Езеро буквално се затрупани со ѓубре, алармираат екологистите.
-Што не сме виделе, пред неколку месеци крај Сатеска имаше крава пцовисана, по текот на Црн Дрим тоа е нешто стравично, ми се чини има милион шишиња шпорети, школки од коли, на патот за Дебар од лева и десна страна во месноста викана Лабунишки ливади тоа се цели депонии, исто така низ планините дрвокрадците оставаат хаос зад нив, покрај тоа што незаконски ја сечат шумата оставаат шишиња, конзерви, треба да поминат милиони години тоа да се исчисти. – вели познатиот водител и екологист Жанко Голабоски.
Велосипедскиот клуб „З’ш Точак“ редовно спроведува еко патроли и предупредува за енормното загадување на природата, од што не е поштеден ниту националниот парк Галичица, додава Голабоски, раскажувајќи една непријатна случка за него.
-Во една прилика на Корита дојдоа десеттина Полјаци со мотори. Толку ѓубре имаше нешто неверојатно, каква некултура и нехигиена. Ме прашаа за тоа , а мене едноставно ми беше срам да им кажам дека сум од Охрид. Со возило не можете да забележите, но рекреативците кои се движат од Охрид кон Галичица пеш или со велосипеди покрај пат гледаат се, лименки, шишиња, хартија, кеси… Контејнери има пред Трпејца и кај Пештани и не можам да сфатам зошто е толку тешко да се собере ѓубрето што се прави и да се одложи правилно. – истакна Голабоски.
Ништо подобра состојбата не е ниту покрај патиштата. В долж автопатот Скопје – Гостивар, на планинскиот превој Стража и натаму покрај магистралата која води до Охрид расфрлани се огромни количини најразличен отпад, што остава крајно негативен впечаток кај туристите, велат експертите.
-Не ми е јасно како современ автопат нема комунални служби. Не да се чисти еднаш месечно или два пати годишно, треба да се чисти на дневна база, како да е дел од туристичкиот производ на Македонија. Странските туристи ќе ви простат можеби незнаење, сиромаштија, но елементарна некултура нема да ви простат.- изјави проф. д-р Зоран Тунтев од ФТУ Охрид.
Според него неопходно е да се делува на ниво на држава конечно да се промени сликата за Македонија од земја преплавена со многу смет во зелена – еколошка земја.
–Тоа со ваква слика на терен е невозможно. – укажува Тунтев, според кого еколошка ситуација во Македонија во најмала рака е застрашувачка.
Дека се работи за недостаток на елементарна култура сведочат и младите активисти од неформалната еколошка организација „Чист Охрид“, кои секој викенд организираат акции за чистење на јавните површини во градот од отпад.
-Најмногу ѓубре има каде што има станбени згради. Најголем проблем се станарите кои имаат контејнери на 20 метри од зградите, а тие го фрлаат ѓубрето од прозор долу и создаваат депонии. – изјави Илија Левески од „Чист Охрид“.
И екологистите и експертите забележуваат дека недостига соодветна реакција на институциите, особено на инспекциските служби.
-Таа работа не се работи од канцеларија, треба да излезеш на терен, па да го фатиш Жанко кај што фрла да го казниш, па друг, трет, четврти…, затоа што со убаво кај нас не може.- изјави Голабоски.
Според Голабоски многу е важно да се работи на едукација на населението уште од најмали нозе, што ќе придонесе да се подигне еколошката свест, а со тоа и нивото на заштита на животната средина.
Горан Момироски