Младите едриличари на „Акватика Јахтинг“ од Охрид остварија успешен настап на Интернационалната регата во Смедерево, Србија, натпреварувајќи се во класата „Optimist“ во конкуренција на 41 едриличар од повеќе клубови од регионот.
Најголем успех постигна Калина Николовска, која го освои првото место во категоријата девојчиња до 12 години. Таа беше втора во конкуренција на сите девојчиња, а регатата ја заврши на одличното петто место во генералниот пласман.
Успешен настап имаше и Максим Стојкоски, кој го освои третото место во категоријата момчиња над 12 години.
Во женска конкуренција, Атина Стојкоска го освои шестото место кај девојчињата до 12 години и осмото место во пласманот на сите девојчиња, додека Бора Поповска беше седма до 12 години и деветта во вкупната женска конкуренција.
Во генералниот пласман Калина Николовска заврши на 5. место, Драган Ангелоски на 15., Максим Стојкоски на 18., Атина Стојкоска на 27., а Бора Поповска на 29. место.
Од „Акватика Јахтинг“ посочуваат дека настапот во Смедерево бил уште една значајна можност младите охридски едриличари да стекнат меѓународно искуство и да ги проверат своите способности во силна регионална конкуренција.
Клубот упати благодарност до едриличарскиот клуб „Металац“ од Смедерево за гостопримството, организацијата и долгогодишното пријателство меѓу двата клуба.
OhridNews



















