Од денеска, 12 октомври, започнува примената на системот за сообраќаен надзор „Безбеден град“ на подрачјето што го покрива СВР Охрид. По завршувањето на техничките проверки и финалните тестирања, камерите се ставаат во функција, а регистрираните сообраќајни прекршоци ќе се санкционираат.
Системот на подрачјето на СВР Охрид ги опфаќа општините Охрид, Струга, Вевчани, Дебар, Дебрца и Кичево. Камерите автоматски ќе евидентираат сообраќајни прекршоци, а главната цел е зголемување на сообраќајната дисциплина и намалување на бројот на сообраќајни незгоди. На потребата од поголема дисциплина укажуваат и податоците од тестирањето на системот. Како што претходно за OhridNews информираше портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, само камерите на автопатот во изградба Охрид – Кичево кај Ново Село регистрирале околу десет прекршоци дневно, во најголем дел пречекорување на дозволената брзина.
Колкави се казните?
Според информациите на МВР, за пречекорување на брзината во населено место, каде дозволената брзина е до 50 km/h, односно по исклучок до 70 km/h каде што тоа е означено со сообраќаен знак, предвидени се:
- до 10 km/h над дозволеното – 15 евра;
- од 10 до 30 km/h – 50 евра;
- од 30 до 50 km/h – 300 евра и забрана за управување од три до 12 месеци.

За поминување на црвено светло предвидена е глоба од 250 евра, како и забрана за управување со моторно возило од три до 12 месеци.
За учество во сообраќај со нерегистрирано возило, односно без важечка сообраќајна дозвола или регистарски таблици, глобата достигнува 500 евра. Доколку важноста на сообраќајната дозвола е истечена до 30 дена, глобата е 100 евра.
Предвидена е и можност за намалување на паричната санкција, при плаќање во рок од осум дена се плаќа 50 проценти од изречената глоба.
Од МВР апелираат возачите доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и со одговорно однесување да придонесат за поголема безбедност во сообраќајот.
OhridNews
Видео: Системот „Безбеден град“ стартува на територијата на СВР Охрид, што ќе следи и казнува?













