Националната кампања „Јас внимавам“ која секој месец ги потсетува граѓаните дека треба да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи без исклучок, овој пат се посвети на најмладите учесници во сообраќајот, учениците од две училишта во Охрид, ОУ Христо Узунов и ОУ Григор Прличев.
Со донации на едукативни сообраќајни полигони, кои компанијата ОКТА како иницијатор на кампањата, ги доделува во основните училишта низ земјава, се влијае кон унапредување на процесот на сообраќајна едукација на децата, а со тоа и кон зголемување на нивната безбедност во сообраќајот.
Во основните училишта Христо Узунов и Григор Прличев во Охрид, покрај поставувањето на сообраќајните едукативни полигони, учениците добија и тематски боенки, а беше изведена и едукативна театарска претстава преку која се симулираат различни ситуации со кои децата се соочуваат како учесници во сообраќајот. До сега, компанијата ОКТА во склоп со кампањата „Јас внимавам“, направи вакви донации во десет училишта ширум земјава.
„Јас внимавам“ е национална кампања создадена со поддршка на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, чија цел е да делува проактивно и едукативно и со тоа да придонесе за што позначителни резултати во подобрувањето на сообраќајната безбедност и култура.
OhridNews














