Кампањата за Локалите избори 2013 во Македонија треба да се концентрира на локалните проблеми, важни за граѓаните, односно гласачите, а националните теми треба да се остават за парламентарни избори сугерираат политичките аналитичари во земјава, пренесува “Макфакс“.

„Не е нешто неочекувано, ова што го слушаме во првите два дена од кампањата за Локалните избори 2013. Владејачките партии ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ќе укажуваат на тоа што досега оствариле, а нивните кандидати ќе ја спуштаат реториката од високата политика на локалните проекти кои ги сработиле или имаат намера да ги сработат. Повисоките партиски функционери ќе се задржат на сериозните политички теми“, вели Алберт Муслиу, политички аналитичар.

Високата политика во кампањата за локални избори се наметна со најавата за бојкот се локалните избори од страна на опозицијата, смета политикологот Владимир Божиновски.

„Сметам дека поуспешен ќе биде оној којшто ќе успее да ги наметне проектите кои одговараат на потребите на граѓаните како главни во презентацијата, како и дека граѓаните ќе гласаат за него. Кампања на национални теми, по дефиниција, се случува на парламентарни избори и така треба да биде и сега“, додава Божиновски.

И двајцата очекуваат од опозициските партии, и кај албанскиот и кај македонскиот блок, да одвојуваат повеќе време од своите говори за покрупни прашања за да го привлечат вниманието на гласачите.

„Мислам дека сега засега опозицијата оди на националните теми, а власта одговара на тие провокации, но нуди и проекти и планови предвидени за нејзините кандидати за градоначалници. И опозицијата треба да се зафати со локални прашања да го постигнат тоа што го сакаат, а да не се вовлечат во спротивен ефект од изборите“, вели Божиновски.

Реториката меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Муслиу очекува да биде поостра отколку реториката меѓу ДПА и ДУИ.

„Кај нив ќе преовладува принципот на достоинство, на држење на зборот, па таква ќе ни биде и кампањата“, вели Муслиу.

За најавената соработка меѓу владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ за општините како Кичево, Струга, Долнени, Брвеница и Јегуновце,каде за да победи кандидат за градоначалник Македонец, со тоа што СДСМ би го поддржала кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, а за возврат би добила членови во советот, аналитичарите велат дека тоа е одговор на практиката на албанските партии кои вообичаено поддржуваат еден заеднички кандидат, кој го победува македонскиот.

„За онаа соработка што се најавува меѓу владејачката ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за некои општини, каде заедно би настапиле како Кичево и Струга, ќе доведе до тоа албанските партии да експроприраат. Кај нив тоа не е непознато, уште во 1990-тите тоа се случуваше кога таа поларизација се случи и не беше невозможна соработка. Но, сепак, очекувам дури во втор круг разноразни комбинаторики. За Кичево мислам дека ќе помине полесно, но за Струга реториката и сите случувања ќе бидат погруби“, вели Муслиу.

„За обединување на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во неколку општини околу еден кандидат поддржан од двете партии, како што има можност во Кичево, Струга, Долнени и некои други општини, е логична реакција на она што го направија од ДПА и НДП, кога излегоа со заеднички кандидат. Само така има шанси да победи Македонец кандидат, место да се разводнуваат и да се делат гласовите на Македонците. Таков беше случајот досега со Долнени, каде Македонците се мнозинство, но добиваат градоначалник Албанец, затоа што ги делат гласовите на двајца кандидати. Поради поделеноста на неалбанско етничко гласачко тело победува Албанец во Долнени“, вели Божиновски.

Сознанијата дека постојат политички сценарија за меѓуетнички конфликти, протести и немири, какви што имавме можност да видиме минатиот викенд за политичките аналитичари различно ги толкуваат.

Додека Муслиу смета дека сите политички субјекти може да имаат полза од нив, Божиновски вели дека тоа никому не оди во прилог.

„За жал, сé уште млади луѓе се користат во политички процеси во негативна смисла, а не гледам кој има полза од тоа. Еве, има најави за некакви собири во Тетово, и во сабота во Скопје, но во тие режирани протести можат да настрадаат само младите, само учесниците, не страдаат политичарите. И затоа треба да не се учествува во нив. Треба построги санкции и казнување на учесниците и за оние од петокот, и за оние од саботата“, вели Божиновски и додава дека очигледно беше дека повеќето Албанци кои беа собрани на протестот беа за мирен протест, но одеднаш се одвои група од 40-тина лица која почна да дивее.

„Најавите од ДУИ дека имаат сознанија за лоши сценарија креирани од некои политички субјекти, мислам дека се дел од кампањата. Ако веќе се имплицира дека такви договори и планови постојат, тогаш треба да се пријават тие случаи и да се вклучат органите, како обвинителство и другите надлежни, и да се преземат мерки за да се спречат таквите случувања. Немирите за време на викендот воопшто не беа наивни, но она што вчера го најави ДУИ можам да го сфатам само како предизборен вокабулар, ако веќе останува на навод, а не се пријавува кај надлежните. Ако се има сознанија за такви закани, треба да се најде иницијаторот кому му одговара тоа да се случува, а според мене такви настани им одговараат на сите, и на владејачките и на опозициските партии, за да сврти вниманието кон меѓуетничките односи и да се добиваат поени на таа карта“, вели Муслиу.

Кампањата започна на 4 март дена, а ќе трае до 22 март на полноќ кога почнува изборниот молк, пред одржувањето на изборите закажани за 24 март.

OhridNews
извор:„Макфакс“