Државната изборна комисија на денес одржаната седница изгласа решение поради совпаѓањето на роковите на претседателските и предвремените парламентарни избори. Одлучи кампањата за избор на народните избраници да почне два дена порано, на петти април.

Со оваа одлука се решава совпаѓањето на предизборниот молк од претседателските со кампањата на предвремените парламентарни избори со тоа што на 12-ти и 13-ти април предизборната кампања за предвремените избори на парламентарниот состав ќе биде прекината, а воедно ќе бидат испочитувани законските рамки.

Како што истакнуваат од ДИК ваквата одлука е добра и лесно применлива во услови кога се одржуваат предвремени парламентари избори заедно со вториот круг од претседателските избори. Решението на ДИК го поздравија сите членови на комисијата бидејќи сметаат дека е во согласност со законот.

На денешната седница ДИК го донесе Роковникот за изборните дејствија за предвремените парламентарни избори и согласно овој документ листите на кандидати за пратеници треба да бидат доставени до највисокото изборно тело до 29 март. Со одлуката за јавен увид во избирачкиот список за предвремените парламентарни избори се предвидува граѓаните ова право да може да го остварат во периодот од 16 до 30 март.

Граѓаните кои живеат или работат надвор од границите на државата најдоцна до 31-ви март ќе треба да поднесат барање за гласање за што во земјите каде земјава има дипломатско – конзуларни претставништва во весници ќе биде објавен јавен повик. Дијаспората на предвремените парламентарни избори ќе гласа на 26 април.