Канадската романсиерка, поетеса, книжевна критичарка и активистка Маргарет Етвуд е добитничка на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2016 година. Одлуката била донесена едногласно, а денеска на прес-конференција ја соопшти раководството на фестивалот. Етвуд е родена во 1939 во Отава. Нејзиното пишување главно се занимава со прашањата на феминизмот, кој таа го истражува низ различни жанрови. Позната е по своите романи, но еднакво е успешна и во поезијата.

– Наградата на Етвуд и се доделува за исклучителниот придонес во поетската уметност со особениот творечки пристап во третирањето на темите на отуѓувањето и неможноста од комуникација, позицијата на женскиот субјект кој страда, за тегобноста, искористувањето и потчинетоста во модерниот свет… низ моќта на нејзините стихови секогаш ги отсликува различните нијанси на женското искуство, ограничувањата кои го загрозуваат, како и опстанокот за кој неминовно се бори -пишува, меѓу другото, во одлуката што ја прочита Славе Ѓорго Димоски, претседател на Управниот одбор на СВП.

Етвуд, која е 51-ви лауреат на СВП и трета поетеса која го добива Златниот венец (по Десанка Максимовиќ во 1988 и Нанси Морехон во 2006) во своето писмо-обраќање по повод наградата кажува дека е почестена што ќе биде во групата на истакнати поети носители на признанието и дека со нетрпение ги чека Струшките вечери во август.

– Дел од возбудата при прифаќањето на оваа награда ќе биде шансата да ја посетам Македонија, каде што никогаш не сум била. Прастарата култура и прастарата традиција можат да бидат и богатство и бреме врз оние што живеат со нив, но за гостите кои доаѓаат на посета тие претставуваат чисти задоволства – пишува Етвуд во писмото, во кое додава „навикната сум да ме гледаат како писателка, а поезијата да ми биде – ако не занемарена – барем во сенка“.

На прес-конференцијата по повод објавата на годинашниот лауреат министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека годинава, на 55-тото издание на Струшките вечери на поезијата, ќе имаме поет со виртуозен поетски исказ и единствен стил, автор на повеќе од 40 исклучителни дела кои се преведени на огромен број јазици, меѓу кои е и македонскиот.

Маргарет Етвуд е добитничка на повеќе од 40 светски признанија, на највисоките книжевни награди во Канада, а во 2000 година ја доби Букеровата награда за романот „Слеп убиец“. Таа е една од најпреведуваните светски автори и почесен професор на 30-ина универзитети, како Оксфорд, Кембриџ, Харвард, Сорбона, Единбург…

OhridNews