Месното население стравува дека со покачување на дневните температури може да дојде до појава на зараза затоа што дел од домаќинствата се поплавени со фекалии, кои се враќаат во дворовите и објектите. Засега секој се снаоѓа како знае и умее. Оние кои имаат можност привремено ги напуштаат своите домови, додека останатите се надеваат на помош од надлежните кои по пријава на граѓаните ја согледале ситуацијата.
Населбата Радојца Новичиќ е една од поголемите населби во Охрид. Во неа живеат над 2000 жители во повеќе од 400 домаќинства. Најголемиот дел од населбата е опфатен со канализациска мрежа која е приклучена на колекторскиот систем. Жителите очекуваат „Проаква“ најитно да реагира и да го санира проблемот, пред да дојде до покачување на дневните температури кои можат дополнително да ја ископлицираат состојбата затоа што фекалните води на места буквално ги преплавуваат дворовите од куќите.