Со програмата на Секторот за комунален развој, патишта и улици за 2011 година, предвидено е расчистување на каналот кој се протега од спортската сала до каналот на Билјанини извори. Каналот ќе биде исчистен и продлабочен, како превентива од можни поплави на тој дел од градот, како и заради заштита од помор на рибниот фонд кој егзистира во каналот, информираат од локалната самоуправа.
Поради тоа што во самото корито и на косините на каналот има стебла претежно од врба и багрем, потребно е истите да се отстранат. Дел од нив се делумно во фаза на сушење или им е нарушена статиката со што претставуваат опасност за пешаците и одвивањето на сообраќајот. Исто така останатите дрва, претежно чинари, ќе се искројат со отстранување на суви гранки и леторасти, а целокупниот локалитет ќе се исчисти од трње и смет.По извршените градежни работи за уредување на коритото на каналот, предвидено е да се засадат нови садници, објаснуваат од локалната самоуправа.
Општина Охрид на 16.03.2011г. (среда) со почеток во 12 часот, во малата сала, организира јавна расправа посветена на планираното расчистување и оформување на каналот.











