Со програмата на  Секторот  за комунален развој, патишта и улици за 2011 година, предвидено е расчистување на каналот  кој се протега од спортската сала до каналот на Билјанини извори. Каналот ќе биде исчистен и продлабочен, како превентива  од можни поплави на тој дел од градот, како и заради заштита  од помор на рибниот фонд кој егзистира во каналот, информираа од локалната самоуправа на денес одржаната јавна расправа.


Поради тоа  што во самото корито и на косините на каналот има стебла претежно од врба и багрем, потребно е истите да се отстранат. Дел од нив се во фаза на сушење или им е нарушена статиката со што претставуваат  опасност за пешаците и одвивањето на сообраќајот. Исто така останатите дрва, претежно чинари, ќе се искројат со отстранување на суви гранки и леторасти, а целокупниот локалитет ќе се исчисти од трње и смет. По извршените градежни работи за уредување на коритото на каналот, предвидено е да се засадат нови садници, објаснуваат од Секторот за комунален развој при Локалната самоуправа.


На јавната расправа, од страна на претставникот од Еколошкото друштво “ Грашница” беше укажано дека треба да се води грижа  за зачувување на растителните и животинските видови кои живеат на овој потег.

OhridNews