Каналот Студенчишта, една од ретките слободни рекреативни зони во градот, се повеќе наликува на депонија за стари пловни објекти кои ја нагрдуваат природната убавина што ја создаваат познатите Билјанини извори.

-Ова е изворска вода, а не вода од петта категорија. Редно е некој да ги отстрани овие пловни објекти. Каналот наликува на отпада за бродови, тука се „Силекс“, „Мики“ и два три други брода кои се во распаѓање и прават грда слика за самиот канал кој е само на неколку метри од Билјанини извори и е создаден од нив.-изјави Радован Димитриески од СРД „Св. Апостол Петар“.

Каналот е составен дел од Студенчишкото блато за кое во тек е иницијатива за прогласување на преостанатиот дел за споменик на прородата, но според надлежните, решение за проблемот со пловните оибјекти кои го оптоваруваат просторот е изградба на долго најавуваната марина.

-Марина која ќе ги собере сите пловни објекти и ќе го ослободи каналот за други активности кои ќе бидат предизвик и за охриѓани и за туристите.-вели Дејан Пановски од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро.

Во недостиг на марина, глисерите и бродовите со моќни мотори се чуваат, одржуваат, танкираат гориво, па дури и градат во каналот, што негативно се одразува на живиот свет, кој се помалку го има во ова природно зимувалиште на риба, старо колку и самото езеро.

-Неколку години веќе не влегува риба на зимување, што е жалосно. Тоа е една риболовна атракција со која тој риболовен туризам може да живее од октомври до април, но за жал успеавме поради овие глисери и нивните перки и маснотии да го уништиме. –истакна Радован Димитриески.


Радован Димитриески

Решение за загадувањето има, посочуваат експертите.

-Во оној моментот кога може да се инвестира во скапи бродови и опрема тогаш ќе мора да се инвестира и во биоразградливи масла и горива со цел да се заштити Охридското Езеро од можни хаварии.-смета Пановски.


Дејан Пановски

Капетанијата на пристаништата недамна најави дека наскоро треба да започне изградбата на  нов крак на градското пристаниште, со што ќе се реши дел од проблемот со паркирање на пловните објекти, додека рокот за изградба на марина на Охридското Езеро која што ја најавија и локалната и централната власт засега не е прецизно утврден.

Горан Момироски