Како што нагласи Канческа- Милеска, Охрид во периодот кој следи ќе добие современа градска библиотека од отворен карактер, уреден простор според сите светски стандарди за библиотечно работење и во кој ќе се чува богатиот книжен фонд на установата.
– Новиот простор се состои од два ката и во него ќе биде сместен комплетниот книжевен фонд од библиотеката. На долниот кат ќе се наоѓа детско одделение со пулт за информирање, како и читална за најмладите. На горниот кат ќе биде сместен книжниот фонд за возрасни читатели со пулт за информации, канцеларии за вработените, а предвидена е и читална за возрасни на кои ќе им биде достапен богатиот фонд од 150.000 библиотечни единици, меѓу кои и ретки книги како што е Евангелието за Прохор Пчински, рече министерката Канческа- Милеска.
Министерката информира дека согласно изработениот проект на библиотеката, предвидена е и реконструкција на дел од постојната зграда, каде сега се наоѓа книжниот фонд, простор кој ќе биде пренаменет во сала за симпозиуми и читална за студенти и интернет читална.
– Убедена сум дека со реконструкција на новодобиениот простор и веќе постојниот Охрид ќе добие библиотека која во целост ќе ги задоволи сите услови за современо библиотечно работење и ќе биде во функција на сите граѓани на Охрид, потенцира министерката за култура.
Реализацијата на проектот се финансира со средства од буџетот на министерството за култура, а новите простории се протегаат на површина од 200 метри квадратни.
Во рамки на денешната посета во Охрид, министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска ги пушти во употреба и двата телескопи поставени на Самоиловата тврдина, а изврши увид и врз активностите кои се изведуваат за изградба на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник.