Во Спомен-домот на браќата Миладиновци во Струга, вчера, во присуство на бројни гости од културниот живот и поети, меѓу кои и годинашниот лауреат на „Струшките вечери на поезија”, Монгани Вали Сероте на  министерката за култура на Република Македонија, д-р Елизабета Канческа –Милевска и беше врачена престижната Гран-При награда за културен менаџмент која ја доделува меѓународната академија „Михаил Еминеску” од Романија.

Во образложението за доделувањето на високата награда, претседателот на оваа меѓународна академија од Романија, г. Јон Деаконеску, кој специјално пристигна во Струга по повод овој настан и манифестацијата „Струшки вечери на поезијата” истакна дека Канческа-Милевска се наградува заради нејзината разновидна и богата активност за заштитата на културното наследство.

Сакавме да ги нагласиме конзистентните и постојаните напори за промовирањето, од страна на госпоѓата министер, на културните политики за европска интеграција, постојано негувајќи го достоинството на македонската култура, реална тенденција за совладување на сопствените пречки, на “ѕидот на молкот”, едно многустрано европеизирање, конструктивен соживот во овој континентален простор и со широко отворање кон универзалноста. Тоа е, всушност, иднината на еден народ, едно богато минато и, госпоѓата министер многу убаво сфати дека секоја култура треба да биде призната како и прифатена и од страна на другите, во разновидноста и различноста, но и на интерферентностите, понудувајќи еден поинаков израз на големите егзистенцијални постоења, потенцираше Деаконеску.

Министерката за култура Канческа-Милевска истакна дека признанието е од голема важност за Македонија и македонската култура воопшто.

Значењето на оваа награда е уште поголемо поради фактот што Академијата во целокупното свое делување на најдобар начин ја афирмира културната размена на романската и останатите култури од европскиот мозаик, во кој романските творци дадоа значаен придонес, истакна Канческа-Милевска.

Таа додаде дека со чинот на менаџирање во културата, денеска можеме да се гордееме со сето она што како држава успеавме да го постигнеме во насока на заштита на македонското културно наследство, стимулирање на уметничкото творештво и презентирање на културната политика во Република Македонија и на меѓународен план.

Горда сум на богатото културно наследство и целиот уметнички потенцијал со кој располага нашата држава, како и на сите признанија и награди со кои се промовира македонската култура и културно наследство и ќе продолжиме во таа насока. Признанието ќе ни даде поттик повеќе да продолжиме со посветеноста, да продолжи соработката со земјите од регионот, отворајќи простор за креирање нови уметнички подвизи кои ќе ја промовираат македонската култура, нагласи Канческа-Милевска.

Наградите на Меѓународната академија се доделуваат секоја година на личности кои даваат особен придонес во културното живеење на национално и меѓународно ниво. Основачи и членови на меѓународната академија „Михаил Еминеску” се и двајца лауреати на Нобеловата награда, што зборува за кредибилитетот на ова признание. Досегашни добитници на оваа награда се референтни имиња од областа на култура, лауреати и носители на други меѓународни признанија од повеќе земји од светот како САД, Бразил, Унгарија, Србија, Романија, Русија, Финска и др.

OhridNews